Османи: Успешен референдум значи чекор напред кон ЕУ и НАТО

Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања имаше средба со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Вицепремиерот Османи најнапред изрази голема благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија на процесот на пристапување во Унијата на земјите од Западен Балкан, рефлектирана и преку иницијативата „Берлински процес“, соопшти СЕП.

Османи се осврна на важноста на периодот во кој се наоѓа Македонија на евроинтегративниот пат, во контекст на неодамнешната одлуката на Европскиот Совет за временска рамката од 12 месеци, или јуни 2019 година, за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Притоа, фокусот е ставен на подготовката за преговори преку скрининг процесот, како и продлабочување на реформите и испорачување на конкретни резултати во делот на судството, безбедносните служби, јавната администрација но притоа не запоставувајќи ја ни борбата против организираниот криминал и корупција и сите останати клучни области.

– Свесни сме за комплексноста на процесот, кој вклучува огромен корпус на законодавство на Унијата кое треба да се транспонира во националното законодавство, но тоа се придобивки кои водат кон суштинската трансформација на земјата во европско демократско општество со функционална пазарна економија, ефикасни институции и професионална администрација, истакна Османи.

Сепак, Секретаријатот за европски прашања и администрацијата имаат долгогодишно искуство, пред се во имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, и воспоставена инфраструктура која е подготвена да одговори на сите предизвици, укажал вицепремиерот Османи на средбата со Рот.