Османи: Процесот на имплементација на Преспанскиот договор е неповратен

Имплементацијата на Договорот од Преспа и можноста за користење на експертизата од Република Грција во однос на пристапните преговори со ЕУ ќе бидат тема на утрешната средба во Атина на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со  неговиот домаќин грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.

-Ќе разговараме за сериозната поддршка на Грција бидејќи таа станува веќе нов стратешки партнер, но и за општиот политички контекст овде и таму. Турбулентни се работите и овде и во Грција, но сметам дека потврдувањето на Преспанскиот договор овде во Македонија веќе има нормален тек, дури и поширока поддршка, но и во Грција воопшто не е загрозен тој процес и покрај различните  дневнополитички турбуленции.  Се надевам дека утре уште еднаш ќе си размениме добри вести дека овој пат е неповратен и дека Република Македонија и Република Грција остануваат стратешки партнери. Со тоа регионот добива две држави со силни релации кои ќе рефлектираат и во регионот, рече Османи на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на Планот 18.

Вицепремиерот Османи  потсети дека во завршната фаза од склучувањето на Преспанскиот договор, Грција ветила дека тоа ќе биде силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Македонија, а тоа се потврди, како што посочи, и со тоа што Грција и тогашниот министер за надворешни работи Коѕијас биле едни од најгласните поддржувачи за доделување датум за преговори на нашата земја на Советот на ЕУ во јуни годинава.

Тој посочи дека утрешната официјална посета на Атина коинцидира и со повторното воспоставување на авионската линија Атина-Скопје, по пауза од повеќе години, како резултат на замрзнатите односи.

Јас ќе бидам првиот што ќе биде на овој лет, што е уште една симболика дека односите се затоплуваат, дека стратешкото партнерство почнува да функционира и дека комуникацијата на граѓаните од сите аспекти на политички, на туристички план итн. ќе се зголемува во наредниот период, рече Османи.