Османи: Преговорите со ЕУ имплицираат длабока трансформација на општеството

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања се сретна со вишиот заменик- генерален директор на одделот за Блискиот Исток и Европа во рамките на Јапонската агенција за меѓународна соработка, Чи Миуахара.

Од Кабинетот на вицепремиерот информираа дека Миуахара го информирала Османи за приоритетните области на соработка во рамките на новата јапонска иницијатива за соработка во земјите од Западен Балкан.

– Имаме успешна билатерална соработка веќе 20 години, која има покажано конкретни и одржливи резултати, преку која се имплементирани значајни проекти во Република Македонија и од која пред сè имаат корист граѓаните, истанал Османи, посочувајќи притоа на исклучително значајната јапонската помош во здравствениот сектор, како што е донацијата на медицинска опрема и возила за примарната здравствена заштита во повеќе општини.

Посочил дека Јапонија се покажала како вистински пријател на Македонија, кога во 2016 година, за време на кризата со поплавите, обезбедила ургентна помош од над 100.000 евра за надминување на последиците од поплавите. Укажал и на значајноста на помошта која јапонската Влада ја обезбедила за земјава за справување со мигрантската криза.

Османи изразил уверување дека соработката меѓу двете земји ќе се прошири и продлабочи особено во рамките на новата јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, и тоа во дефинираните приоритетните области на Иницијативата, како што намалување на ризикот од катастрофи, развој на приватниот сектор, животна средина итн. Во таа насока вицепремиерот информирал дека Спогодбата за техничка соработка меѓу владите на Јапонија и Република Македонија е во фаза на финална консултација и дека очекува наскоро таа да биде потпишана.

– Како држава се наоѓаме во исклучителен може да се рече историски период. За неколку дена очекуваме позитивна одлука од Брисел за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија, по што општеството ќе влезе длабока трансформација, за што, секако добредојдена ни е помошта од сите наши пријатели, а Јапонија ја сметеме за еден од поважните, рекол Османи.