Османи: Македонија во 2019 ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ

Наредната 2019-та ќе биде годината кога Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ, истакна вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на денешната средба со новинарите.

Ваквите очекувања Османи ги темели на постигнувањата во, како што рече историската 2018, на очекувањето за финализација на обврските од Преспанскиот договор во земјата, на реализацијата на зацртаното од Планот 18 и пред се на изјавата на еврокомесрот Јоханес Хан за временската рамка за пристапување кон Унијата.

-И покрај тоа што постои песимизам дали сме ние подготвени, сепак, потврдата од комесарот Хан дека Македонија може заедно со Србија и Црна Гора да ја фати 2025-та е вест на годината бидејќи 2025 е пред врата и топката е на наша половина да испорачаме за да може да го фатиме тој рок, рече Османи.

Според него во однос на датумот за преговори постои техничка дилема бидејќи се стеснува временскиот простор меѓу објавувањето на извештаите за земјите кандидати, кое вообичаено се случува во април, одржувањето на изборите за ЕП и разгледувањето на тие извештаи од земјите членки на ЕУ.

Затоа, рече, имал средба со романскиот министер за евроинтеграции, чија земја претседава со ЕУ, со цел да има доволно простор од објавувањето на извештајот, кој може да биде од крајот на мај до Советот на ЕУ кој треба да ја донесе одлуката (а обично е на 21, 21 јуни) за во тие 20 дена да може да се верификува Извештајот во парламентите на членките, за да нема какви било изненадувања..

Паралелно, потенцира османи, се одвива скринингот и формирањето на преговарачките структури, а веќе се поминати и неколку поглавја во Брисел.

Во однос на реформите, нагласи дека по нивната валоризација со Извештајот на ЕК од јуни кој донесе, рече и прецизна рамка за реформи што беше преточена во Планот 18, а согласно заклучоците од Советот на ЕУ, фокусиран е на реформите во судството, безбедносните служби, јавната администрација и борба против органиизраниот криминал и корупцијата.

Досега, рече вицепремиерот, реалиизирани се 66 проценти од зацртаните мерки, а пробив е направен со донесувањето повеќе закони во правосудството и во безбедносните реформи. Со оглед дека повеќето од овие закони се носат со двотретинско мнозинство за нив, потенцира тој, Владата се консултирала и со пратениици од опозицијата и од дел од нив е добила поддршка поради што очекува повеќето да бидат донесени во Собранието до крајот на годината.

Рокот на завршување на Планот 18 е до донесување на новиот Извештај на ЕК. Новина која е воведена во однос на спроведувањето на зацртаните реформи е и следење на резултатите, на што инсистира и Европската комисија.