Османи: Во септември се отвора Поглавјето 23, за правосудство и основни права

Утврден е календарот за скрининг процесот за подготовка на земјата за пристапни преговори со ЕУ. Во септември се отвора Поглавјето 23 за правосудство и основни права, изјави денеска вицепремиерот за евроинтеграции и главен преговарач на Македонија.

– Имаме прелиминарен договорен календар за скенирање на поглавјата. Во меѓувреме работиме на создавање на државната структура и верувам ќе бидеме подготвени веќе на следната седница на Влада да ја усвоиме структурата. Во септември ќе започне скринингот на поглавјето 23, потоа почнува поглавјето 24, па следат 5, 30,… Имаме целосен календар како тоа ќе се случува се до јуни 2019 година. Меѓутоа, паралелно ние работиме на воспоставување на структурата и подготовка на државата за овој важен процес, рече Османи, кој со норвешкиот амбасадор во земјата потпиша Меморандум за соработка чија цел е поддршка на процесот на евроинтеграциите.

Вицепремиерот за евроинтеграции воедно нагласи дека процесот на скринингот паралелно ќе се одвива со уште два процеса, а тоа се имплементацијата на Договорот од Преспа и итните реформски приоритети преточени во Планот 18.

– Покрај тоа што ќе имаме скрининг процес, ние ќе работиме интензивно и на продолжување на имплементацијата на стратегијата за реформа во правосудството, безбедносни служби и јавната администрација со испорака на конкретни резултати јуни до 2019 година, рече Османи.

Тој додаде дека очекува напорен период затоа што во одредени моменти Собранието ќе биде зафатено со уставните измени и со референдумот, а ќе треба да се испорачаат и резултати во реформите.

Според него, ќе треба сериозна координација на институциите за да може во претстојниот временски период од 12 месеци да се реализираат трите наведени важни паралелни процеси.

– Ако се вратиме назад ќе видиме дека во една година затворивме три важни политички прашања и го испорачавме Планот 3-6-9, јас сум уверен дека оваа Влада ќе го направи тоа и за периодот што доаѓа, рече Османи.