Орден „Свети Никола“ за Киро Глигоров

Општина Штип оваа година орденот „Свети Никола“ ќе го додели постхумно на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, соопшти на прес-конференција градоначалникот Благој Бочварски.

– Како негови сограѓани имаме должност да ги зачуваме од заборав неговите големи достигнувања, да покажеме доблест и капацитет да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја. Претседателот Киро Глигоров е историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се одолжиме и заблагодариме. Но, мора активно да работиме на одржување на споменот на патриотизмот, храброста, мудроста и решителноста на човекот со највпечатливата биографија во современата македонска историја. Таа должност ја имаат сите граѓани на Република Македонија, но особено ние, штипјани – рече Бочварски.