Општина Карпош со интервентни мерки за справување со загадувањето

Општина Карпош презема интервентни мерки за справување со загадувањето во општината, изјави денеска градоначалникот Стефан Богоев.

Тој најави започнување на процедура за итна набавка на прочистувачи на воздух за сите градинки и училишта на територија на општина Карпош.

– Дополнително итно ги запираме градежните активности кои произлегуваат од работењето на општина Карпош и се однесуваат на тековно одржување на улиците, тротоарите и слични градежни зафати кои ги реализира oпштината. Во контекст на ова бараме сите приватни инвеститори и изведувачи да го следат примерот на oпштина Карпош и да запрат со градежни активности во моментите кога загадувањето е на највисоко ниво, рече Богоев.

Градоначалникот најави дека ќе продолжат и редовните контроли, инспекции на градилиштата со цел да се спречи узурпирање на јавните површини и предизвикување на дополнителна нечистотија и загадување. Ги повика сите инвеститори, фирми, претпријатија на општествена одговорност да донираат прочистувачи на воздух и заштитни маски за граѓаните или, пак, да донираат финансиски средства на наменската сметка на Општината која е објавена на веб-страницата и на Фејсбук профилот на Општина Карпош.

Граѓаните, пак, ги повика активно да пријавуваат загадувачи на отворената телефонска линија.

Богоев најави дека следната недела ќе биде свикана вонредна седница на Советот на општина Карпош на која тој ќе предложи донесување одлука за субвенционирање на заштитни маски за целни групи на граѓани и додаде дека заедно со Градот Скопје и Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина продолжуваат заеднички и координирано да бараат трајни решенија за решавање на проблемот со загадувањето.