Опозицијата се раситнува, мнозинството се окрупнува, а кворум нема

Пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ се раситнува во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ, додека владејачкото мнозинство се окрупнува и се консолидира по заминувањето на двајца пратеници од „Алијансата за Албанците“. Но, и покрај ваквите престројувања во законодавниот дом, крајниот резултат е немање кворум за донесување битни одлуки пред почетокот на имплементацијата на реформските закони што ги подготви Владата.
Раштиманоста на парламентот дојде до израз во текот на вчерашниот ден – прв работен за парламентот по десетдневна пауза за време на празниците. Додека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се координираше околу понатамошното (не)учество во работата на Собранието, уште еден пратеник го извести собранискиот спикер дека заминува од опозициската коалиција. Пратеникот на Демократската партија на Турците, Хусуф Хасани, објави дека во иднина ќе дејствува независно од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, потег што претходно го повлекоа и пратениците на ГРОМ – Чедомир Саздовски и на Сојузот на Ромите – Амди Бајрам, кои сега, најчесто, гласаат исто како и парламентарното мнозинство. Но, раситнувањето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како и најавеното приклучување на тројца пратеници од помалите партии од албанскиот блок кон владејачката ДУИ, не помага засега многу во собирање на потребниот кворум од минимум 61 пратеник за донесување на законите.
Во Собранието вчера беа закажани продолженија дури на шест пленарни седници, но, поради отсуство на дел од владејачките пратеници, до доцна поладнето не се гласаше за ниту една од точките на дневен ред. Спикерот Талат Џафери за четврток закажа нови продолженија на дел од седниците.Така, одложено е повторно донесувањето за законот за употреба на јазиците, кој е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, а в четврток ќе се гласа и за предлозите за нови уставни судии.
Законодавниот дом треба да гласа за Дарко Костадиновски и за Осман Кадриу, како можни нови членови на Уставниот суд, по предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Тие треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Третото испразнето место во Уставен суд не се пополнува засега поради тоа што Комисијата за избори и именувања, од каде што треба да произлезе овој предлог, ја води поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Тој, пак, вчера не беше меѓу десетината пратеници што го придружуваа новиот партиски лидер Мицкоски, но лидерот тврдеше дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена во однос на нејзиното активирање во законодавниот дом.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во работата на Собранието сѐ додека не се создадат услови за нормално демократско функционирање на институцијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, барем оние што се на слобода, се апсолутно конструктивни и учествуваат заеднички во креирање на ставовите на состаноците. Пратеничката група е единствена, обединета и сите заедно стоиме зад овие ставови“, изјави Мицкоски.
На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со претседателот на парламентот и со пратеничката група на СДСМ, Мицкоски објасни дека за дел од реформските закони се формирани работни групи. Околу тоа, пак, кога ќе биде поднесен законот за амнестија на осомничените за настаните на 27 април, ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е надвор од парламентот, Мицкоски рече дека пратениците ќе дејствуваат во првиот момент кога ќе има демократски услови за тоа.

ВМРО-ДПМНЕ е сведена моментно на 42 пратеници

Следен можен термин за враќање во опозицијата во парламентот е 15 јануари, за кога е закажана седница на чиј дневен ред се ставени повеќе реформски закони од областа на правосудството, полицијата и безбедносните служби, како и ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија. На 18 овој месец, пак, пред македонските пратеници треба да им се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
ВМРО-ДПМНЕ веќе еден и пол месец го бојкотира парламентот по отворањето на процесот за настаните на 27 април минатата година. Во меѓувреме, пратеничката група на партијата значително ослабна и сега располага со 48 парламентарци – од 51, колку што освои места на изборите во 2016 година. Од преостанатите пратеници, шестмина останаа без имунитет и се моментно во притвор или во домашен притвор, додека дел од пратениците настапија контра Мицкоски за време на вонредниот партиски конгрес. Парламентарното мнозинство, пак, предводено од СДСМ и од ДУИ сега може да смета на поддршка од најмалку 65 гласа, со оглед на сите престројувања што се случија во изминатиот период во опозицискиот блок. Сепак, и таа бројка не беше вчера доволна за да се обезбеди кворум во собраниската сала.

Александра М. Митевска