Оливер Дерковски кандидат за претседател на ДИК?

Во 19 часот треба да се состане Комисијата за избори и именувања за да ги селектира кандидатите за членови на ДИК, според важечкото решение што уште зимата го договорија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата, според извори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе заседава вечерва, иако на лидерската средба не е постигнат договор околу деталите за референдумот.

За претседател на ДИК, според истите извори, ќе биде предложен поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Дерковски. Втор член од редовите на опозициската партија ќе биде една од кандидатките што се јавиле на конкурсот што го распиша Собранието, но тоа, најверојатно, нема да биде поранешната пратеничка Светлана Карапетрова, како што се најавуваше.