Како ќе продолжи судењето за масовното прислушување?

По еден месец од одлуката на Врховниот суд во Атина кој одби да ги екстрадира поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, на денешното судско рочиште за предметот „Таргет тврдина“, судијката Џенета Бегтовиќ треба да соопшти како ќе се води постапката за овој случај, за масовното прислушување во Македонија, за што главни обвинети се токму разузнавачите.

Судијката треба да одлучи по барањето на Специјалното јавно обвинителство дали за овие двајца обвинети ќе се води одвоена судска постапка.
Судењето беше одложувано неколку пати бидејќи се чекаше одлуката на грчкиот суд за екстрадиција на обвинетите кои сега веќе се слободни граѓани во Грција.

За нелегалното прислушување обвинети се Грујевски, Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски и други службеници од УБК.
Грујевски е клучниот обвинет и сведок за нелегалното прислушување.(Ф.Ф.С.)