Од утре бесплатен јавен превоз во Скопје

Поради големата загаденост на воздухот Градот Скопје донесе одлука за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници.

Ова е една од мерките што ги донесе Градот Скопје и стапуваат на сила веднаш, а ги објави градоначалникот Петре Шилегов.

Бесплатниот превоз ќе биде овозможен се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

Тој ги повика сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да се поднесе новонастанатата ситуација.

Меѓу мерките, како што посочи градоначаникот, е прекин на сите градежни активности на градилиштата под негова надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

Информираше дека ЈП „Комунална хигиена“ се задолжува да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачува на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

Градоначалникот апелираше до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз, а службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

До граѓаните апелираше да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Воздухот во Скопје завчера, вчера и во текот на ноќта е загаден. Концентрациите на ПМ10 честичките се надминати по неколку пати и на некои мерни станици достигнуваа и над 500 микрограми на метар кубен.

Заради загадувањето и Владата донесе мерки што стапија во сила од утринава.