Од власта навестија пропаст на законот за амнестија

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вчера го поднесе по скратена постапка до Собранието долгонајавуваниот и ваден одвреме-навреме по потреба предлог-закон за амнестија на лицата инволвирани во собраниските настани на 27 април.

Тој влегува во собраниска процедура откако неодамна обвинетите за хаосот во законодавниот дом, во проглас до јавноста, го обвинија лидерот на партијата Христијан Мицкоски дека ги излажал пред неколку месеци дека ќе биде поднесен таков закон и дека, наводно, им ветил и гаранција со имотот на партијата.

Дел од обвинетите за насилствата на 27 април вчера имаа судски рочишта. За време на паузите не сакаа да дадат оценка за предлог-законот бидејќи не го виделе. Пред новинарските екипи застана единствено полицаецот Абдулфета Алими. Него не го интересира дали ќе има амнестија за сите обвинети за случајот или не. Тврди дека не е виновен за случувањата таа вечер. Работел по наредба на началникот Горан Ѓошевски, кој исто така е на обвинителна клупа.

„Јас сум полицаец, знам дека не сум виновен. Работев по наредба на началникот“, рече Алими.

Од ВМРО-ДПМНЕ, испровоцирани од повикот од собраниската говорница на премиерот Зоран Заев – „ајде да се помириме, прв чекор нека биде 27 април“, две недели подоцна бараат сите топтан – осомничените, обвинетите или осудените – да се ослободат од кривично гонење, да се запрат поведените постапки и целосно да се ослободат од издржување на казната затвор.

Законот се однесува за сите лица што се обвинети за кривичните дела кои им се ставаат на товар (насилство, учество во толпа, како и терористичко загрозување на уставниот поредок), вклучувајќи ги и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за пристапување кон уставните измени согласно договорот со Грција и затоа беа исклучени од партијата. Забележливо е дека во него не е предвидено ослободување на обвинетите за кривичното дело обид за убиство со кое беа опфатени лицата кои крвнички го претепаа пратеникот Села.

„Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски не се терористи. Не се терористи ниту вработените во МВР ниту останатите лица прогонувани врз основа на случувањата од 27 април. Тоа го знаеме ние, тоа го знаете и вие колеги од власта, а тоа го знае и целата македонска јавност“, рече Драган Данев.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат и пратениците од мнозинството конструктивно да учествуваат во дебатата и да покажат, како што велат, дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување. Оттаму не кажуваат дали нивни претставници ќе учествуваат во најавеното собраниско тело за помирување.

„Предлог-законот обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување, наместо селективност и поделби во општеството. Целта е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, порача Данев нагласувајќи дека тој не предвидува финансиски импликации врз буџетот.

За власта, како што повтори вчера премиерот Заев, предлог-законот за амнестија е апсолутно неприфатлив, со што практично е осуден на пропаст уште пред да влезе во собраниска процедура. Тој, според владејачкото мнозинство, претставува брутален упад во правниот систем.

„Македонија е правна држава и тој принцип имаме обврска да го почитуваме. Точно знаеме што се крие зад предлог-законот за амнестија поднесен од антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е амнестија на криминалите на режимот на Никола Груевски. Тоа не смееме и нема да го дозволиме“, гласеше коментарот на најекспонираниот пратеник на СДСМ во последно време во јавноста Костадин Костадинов.

Предлог-законот за амнестија, дел од политичките набљудувачи го оценија како задоцнета реакција по низата внатрешни несогласувања и исклучување од партијата на пратениците кои ја поддржаа иницијата за уставна ревизија.  Според нив, законот за амнестија е партиска калкулација бидејќи се знае дека тој не може да помине во Собранието. Затоа, како што велат, тој е само обид на раководството да прикаже пред јавноста и пред членовите дека се грижи за обвинетите, како и да се обиде да ги регулира внатрешните кохезивни механизми.

Амнестијата беше една од темите во писмото на некогашната вмровска икона Сашо Мијалков во кое жестоко го нападна лидерот Христијан Мицкоски откако беше обвинет дека ги терал и ги поткупувал пратениците да гласаат „за“ и дека, наводно, влегол во криминална коалиција со Заеви.

„Ако ти веруваше во тоа, односно знаеше, како што тврдиш, дека власта ги апси луѓето со политички монтирани обвиненија за 27 април и за случаи конструирани од СЈО, зошто барем јавно не побара од претседателот Иванов да ги заштити и да не се предмет на уцена“, беше едно од седумте прашања на Мијалков упатени до Мицкоски. (Н.К.)