Обвинителството ќе бара обдукција на починатите и технички преглед на автобусот

Обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија 13 лица, а триесетина се повредени. Како што сооштуваат од Обвинителството, со цел утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на надлежен јавен обвинител е издадена наредба за анализа на крв и урина.
Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари потврди дека шоферот е во стабилна состојба и изрази надеж дека од него и од надлежните институции ќе има релевантни информации за превртувањето на автобусот полн со патници.
На местото на несреќата беше вечерва и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој потоа се упати кон болницата „ 8 Септември“ заедно со министерот за здравство Венко Филипче.
-Се случи голема трагедија. Имаме бројка од 13 починати луѓе, триесетина повредени. Увидот е во тек, на лице место е излезен јавен обвинител. Подетални информации ќе соопштиме кога ќе имаме. Разговарано е со возачот, тој моментално се наоѓа во болница. И натаму е рано да се утврди вистинската причина за несреќата“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.