Обвинителството истражува говор на омраза за пожарите во Атина

Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас оформи предмет во врска со определени написи и коментари по социјалните мрежи, а со кои преку компјутерски систем во јавноста се шират расистички и ксенофобични материјали. Објавените текстови во социјалните мрежи се насочени кон пожарот во близина на Атина, Република Грција  во кој има и човечки жртви.

„Јавното обвинителство ќе испитува дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност. Следува преземање на дејствија со цел обезбедување докази во предметот. Воедно, ќе се утврдува идентитетот на лицата кои преку објавување на написи и коментари учествувале во ширењето на говорот на омраза“, велат од ОЈО.

Пожарите во областа Атика голтнаа осумдесетина животи. Македонија ги стави своите капацитети на располагање за евентуална помош. Првично, владата донираше шест милиони денари, а Градот Скопје еден милион денари. ​