Обвинителството го истражува тендерот за иновации

Контроверзниот тендер за иновации и технолошки развој стигна и во рацете на Основното јавно обвинителство. Од таму велат дека ќе се испитуваат евентуалните злоупотреби.

„По објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови по Јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, ја известуваме јавноста дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас.

Обвинителството презема дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран“, соопшти ОЈО.​

Меѓу оние добитници на државни пари што предизвикаа најголем интерес во јавноста, се фирмите каде што удел имаат вицепремиерот Кочо Анѓушев и Хари Локвенец од СДСМ. Од Фондот тврдеа дека постапката била транспарентна.