Обвинетите пратеници, освен Мукоски, ќе може да гласаат во Собрание

Петтемина пратеници обвинети дека ги отвориле вратите на Собранието на 27 април вчера дојдоа на рочиштето во новата зграда на Кривичниот суд. Тројца од нив, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, беа спроведени од куќен притвор, а Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски дојдоа од дома. Пред почетокот на судењето и на паузите никој од пратениците не сакаше да даде изјава за медиумите и ја избегнуваа комуникацијата со новинарите. Рочиштето почна вообичаено, како и секое друго, никој од обвинетите не го искоментира повикот за помирување за настаните од 27 април што завчера го испрати премиерот Зоран Заев од Собранието каде што се расправа за уставните измени за кои власта нема обезбедено двотретинско мнозинство.

Судијката Добрила Кацарска воопшто не го спомена повикот на Заев, така што на барање на новинарите, единствено го искоментира обвинителката која го води овој случај, Вилма Рускоска. Обвинителката во повикот за помирување на премиерот не препознала амнестија, туку помирување. Сепак, вели дека амнестијата е политичка одлука.

„Тоа не зависи од обвинителството, амнестијата е политичка одлука“, рече Рускоска.

По неколку часа од почетокот на рочиштето, стигна информацијата дека Кривичниот суд му го укинува куќниот притвор на пратеникот Сашо Василевски и дека со гаранција од 400.000 евра во недвижен имот тој ќе се брани од слобода. Судот му одреди мерки за претпазливост, односно му го одзеде пасошот и има обврска повремено да се јавува во судот во Охрид. Во попладневните часови, Апелација му го укина притворот и на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, кој дал гаранција од 300 илјади евра. Сега Василевски и Арнаудов ќе можат да присуствува на собраниските седници и евентуално да гласаат. Нивниот имунитет е симнат, но сè уште траат нивните мандати да ги претставува граѓаните во Собрание.

Василевски не одговори на новинарското прашање дали ќе се приклучи на собраниската седница на која се расправа за Уставот. Единствено Арнаудов даде изјава за медиумите и рече дека засега не размислувал дали би гласал за уставни измени во замена за амнестија.

„Засега немаме ништо размислувано, ама секако ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија и македонскиот народ“, рече Арнаудов.

Тој вели дека досега никој не му се јавил лично и не му понудил помирување и повикот на премиерот го толкува како политика одлука.

„Тие се политички одлуки кои се расправаат во парламентот, ние сме во судница, обвинети сме по едно дело, концентрирани сме да докажеме дека не е баш така како што изгледа, да си ја докажеме нашата невиност“, изјави Арнаудов.

Жалба за куќниот притвор има поднесено и првообвинетиот пратеник, Крсто Мукоски. Тој не понудил гаранција и не барал јавна седница, туку само го обжалил решението за притвор.

За упадот во Собрание обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање. Меѓу обвинетите освен пратеници има и вработени во МВР, од собраниското обезбедување, уметници. Токму овој случај се најде во заклучоците на Европскиот совет, односно за препораките и условите што треба да ги исполни Македонија за да ги почне преговорите за влез во ЕУ. Во еден од заклучоците децидно беше наведено дека треба да се утврди одговорноста за нападот во Собранието.

Фросина Факова Серафиновиќ