Обвинение за Миленко Неделковски за ширење расизам

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави обвинителен предлог против новинарот Миленко Неделковски поради ширење расистички и ксенофобичен материјал на интернет, по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви.

Тој се товари дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно со Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години“, се наведува во соопштението. Во текот на истрагата, како што се наведува, надлежниот јавен обвинител преку МВР – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, обезбеди детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа, како и други докази. Како што се наведува, Неделковски не дал свој исказ пред надлежен јавен обвинител бидејќи не бил достапен на неговата адреса за да му биде врачена поканата.

Обвинителството имаше увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но притоа оцени дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против осомниченото лице, бидејќи тој врз основа на својот општествен статус и професијата што ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста“, се додава во соопштението на Обвинителството.