Нови рочишта за „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во Центар“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во општина Центар“.

Минатото рочиште за предметот „Тортура“ беше одложено поради болест на обвинетиот Филип Атанасов, за што медицинска потврда до Судот достави неговиот адвокат Љупчо Шврговски.

Судијката Александра Ристевска опомена дека ова ќе биде последно одложување и најави дека од наредното рочиште ќе ја раздвојува постапката доколку некој е болен затоа што, како што кажа, тоа е од интерес на обвинетите, оштетениот, обвинителите, бранителите и судот.

Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Ново рочиште денеска ќе се одржи и за случајот „Тревник“, во кој се обвинети Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да продолжи судењето и за случајот „Насилство во општина Центар“. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.