Нови рочишта за „Тендери“, „Тортура“ и раздвоената постапка за „Насилство во општина Центар“
Случајот „Тортура“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со презентација на преостанатите видео материјали од камерите на МВР.
За предметот „Тортура“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Во Кривичниот суд продолжува и судењето на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, која е првообвинета во случајот „Тендери“ на СЈО.
Канческа-Милевска е обвинета за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.
Во Кривичниот суд во Скопје, треба да се одржи и рочиште за раздвоената постпка во случајот „Насилство во општина Центар“ за седмообвинетиот Димче Крстев. Во овој случај обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, советничката на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време Даниела Рангелова и уште неколкумина кои биле дел од толпата која на 10 јуни 2013 година протестираше пред општина Центар.