Новите градоначалници на форум за децентрализација во Струга

Струга – Реафирмација на процесот на децентрализација е темата на дискусија во рамки на форумот „Децентрализацијата повторно во фокус“ што во организација на Министерството за локална самоуправа, Мисијата на УНДП во Македонија и Делегацијата на ЕУ од попладнево се одржува во Струга.

На Собирот се присутни градоначалниците на речиси сите општини во земјата, а за утре е предвидено со нив да се сретне и премиерот Зоран Заев. Организаторите на конференцијата сметаат дека тоа ќе биде добра можност новите локални власти непосредно да се запознаат со политиката на Владата по однос децентрализацијата, а истовремено да ги слушнат искуствата на Заев како поранешен градоначалник на Струмица

– Пред нас претстојат големи одговорности што произлегуваат од Програмските определби на Владата за реафирмирање на процесот на децентрализација и консолидирање на системот на локалната самоуправа, но и од програмите на локалните власти на кои граѓаните им ја дадоа довербата, истакна на отворањето на конференцијата министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Винтон во оваа прилика потсети дека изминатите две децении доста е сторено во областа на децентрализацијата, но забележа дека се уште постојат предизвици во тој процес, пред се во делот на финансирањето и надградбата на човечките ресурси нопходни за спроведување на зацртаните цели.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самоел Жбогар рече дека ќе го искористи присуството на новите градоначаници да се запознае со предизвиците со кои се соочуваат, како и да ги слушне нивните очекувања за тоа што може да го очекуваат како помош од Европската унија во процесот на децентрализација.

Кога станува збор за состојбата на процесот на децентрализација на власта во Македонија, тој истакна дека од остварените контакти со градоначалниците, како со претходните така и со новите, може да се забележи дека доста им е тешко како локални власти на вистински начин да ги спроведуваат надлежностите и да се справуваат со одговорностите, во услови на отсуство на соодвена финансиска поддршка за очекуваните активности.