Новиот состав на ДИК ќе се избира со европско знаме

Со европско знаме, како што дознава „Независен весник“, се обележани измените на Изборниот законик што владата ги доставила претпладнево во парламентот.
Тоа значи дека законските измени најверојатно ќе се разгледуваат во Комисијата за европски прашања, што ја предводи Артан Груби од ДУИ и каде што расправата би траела максимум два дена, со оглед на тоа што станува збор за регулатива што треба да се донесе по скратена постапка. По тој принцип одеше и ратификацијата на договорот со Грција во парламентот.

Според наши информации, во Изборниот законик се менува само членот 27 каде што е регулирано мнозинството со кое се избираат членовите на ДИК. Сега се брише потребното двотретинско мнозинство, така што новиот состав на ДИК ќе се избира со апсолутно мнозинство, поточно со најмалку 61 наместо 80 гласови.

Измените во Изборниот законик се пуштени во парламентот по денешната седница на владата, која заседаваше рано наутро, во присуство на еврокомесарот Јоханес Хан. Неизвесно е како конкретно ќе реагира ВМРО-ДПМНЕ на предложените законски измени што стигнаа во парламентот набрзо откако премиерот Зоран Заев најави за утревечер лидерска средба за референдумот. Според концептот на ДИК што пред неколку месеци го договорија партиските лидери Заев и Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи претседател и уште еден член на Комисијата.