Ноќна средба на Заев, Груевски, Ахмети, Џафери и Иванов

Претседателот Ѓорѓе Иванов ги собрал повторно на средба  премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Средбата се реализира како резултат на претходно започнатите разговори. На неа  беа разменети мислења за актуелните случувања во  Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“ се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.

Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија.

За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов, објавено по средбата.