Ништо од екстрадицијата ако Груевски добие азил, но останува потерницата

Во Министерството за правда се подготвува барањето до унгарските власти за екстрадиција наНикола Груевски, но тоа, како што велат од овој ресор, нема да има значење доколку во меѓувреме на поранешниот премиер му биде одобрено барањето за азил. Сепак, како што посочуваат од Министерството, останува важечка меѓународната потерница што е распишана за Груевски.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави денеска дека деновиве ќе биде доставено барањето со целокупната документација за екстрадиција на Груевски. Бошњаковски рече дека се работи за обемна документација од околу 400 страници која ќе биде соодветно преведена и доставена до унгарските надлежни власти. Според информациите, на превод на документацијата се ангажирани десет судски преведувачи од македонски на унгарски јазик.