Никос Папас: По Договорот од Преспа започнува нова ера

За можностите за соработка меѓу Македонија и Грција, по потпишувањето на договорот, во областите во негова надлежност, говори министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми на Грција, Никос Папас во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Тој вели дека постојат идеи кои во иднина ќе се реализираат и потенцира дека сега, започнува нова ера за двете земји.

Господине Папас, колку е важен Договорот од Преспа и за двете земји и за двата народа?

– Договорот од Преспа е многу важен и позитивен и за Грција и за поранешната југословенска Република Македонија и мислам дека и на патот кон финализирањето на договорот, но и веднаш потоа ќе можеме да спроведеме во пракса многу добри и позитивни идеи за соработка на двете земји на ниво на нови технологии. Поврзувањето и дигиталната политика се областите на активности кои можат да ги одведат двете земји заедно кон следниот чекор кон иднината. Постојат огромни можности за заеднички развој и двете страни сме решени да ги искористиме.

Постојат некои конкретни проекти на кои ќе работите или е се уште рано да говориме за нешто такво?

– Мислам дека е рано да разговараме за конкретни работи. Во овој момент ние ја забрзуваме дигиталната политика и сме повеќе од среќни да ги споделиме со нашите соседи, со поранешната југословенска Република Македонија, идеи и активности за такви проекти.

Претпоставувам дека прашањето за името беше пречка сите овие години за поблиска соработка меѓу двете земји…

– За жал беше пречка, лошо и за Грција, лошо и за поранешната југословенска Република Македонија. Но, започнува една нова ера.