Нема отстапки: Прашањето на референдумот ќе биде тоа што го кажа Заев

„Прашањето за референдумот ќе биде тоа што го кажа премиерот Зоран Заев и нема отстапки, па дури и ВМРО-ДПМНЕ да се согласи активно да учествува“, брифираат високи владини функционери за „Независен весник“ во пресрет на собраниската седница во понеделник, на која ќе се очекува закажување на плебисцитот на 30 септември. Според нив, продолжуваат контактите меѓу тимовите на Заев и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се остава простор за договор, но и да не дојде до тоа, референдумот ќе се оддржи и без учество на опозицијата.

„Доволно е што попуштивме за изборот на ДИК, Пржинска влада и законот за финансирање партии. Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да застане на вистинската страна, не може да бидат за ЕУ и за НАТО, а да го бојкотираат референдумот“, трвдат нашите соговорници.

Референдумот за договорот со Грција околу името ќе биде распишан во понеделник. Првичната идеја тој да биде закажан утре, пропадна поради обврски на членови на парламентарното мнозинство, како и за да се остави простор за договор меѓу политичките субјекти во земјава. Доколку се случи тоа, тогаш ќе се исполни желбата на владата: тој да се одржи на 30 септември. Доколку се оди според очекувањата на владата, кон крајот на јануари или најдоцна во февруари ќе биде целосно ратификувана спогодбата со Грција, со што завшрува нашиот дел од обврските и на ред ќе биде владата во Атина.

Во врска со референдумското прашање, премиерот Зоран Заев ја наведе формулацијатата: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. ВМРО-ДПМНЕ посакуваше референдумско прашање кое ќе се однесува исклучиво на договорот за името. (Г.А.)