Нема да размножува кучиња секој што сака

Што ќе се смени во Законот за заштита и благосостојба на животните за да се намали нивниот број на улиците низ градовите? До крајот на неделава се очекуваат првите предлози како да се третираат бездомните животни кои на барање на Владата треба да ги подготви Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со претставници на ЗЕЛС и организациите за заштита на животните. Предлозите ќе ги разгледува и Комисијата за заштита и благосостојба на животните која беше наменски формирана за да даде стручно гледање на третманот на животните во земјава и да сподели европски искуства.

Според професорот на Ветеринарниот факултет Влатко Илиески, македонските закони се одлични, целосно приспособени на европското законодавство, но имаат катастрофална имплементација. Казни никој не пишува бидејќи проблематични се надлежностите, односно поделбата која институција треба да ги спроведува, а која да им прави контрола. Илиески смета дека и чипирањето е задоцнета активност, иако секаде во светот искуствата велат дека дава одлични резултати.

„Улогата на ветеринарните лекари мора да е поголема во сите аспекти на третманот на животните. Чипирањето морало да се воведе како обврска за сопствениците многу порано бидејќи сметам дека ќе воведе ред. Ветеринарните лекари ќе имаат податоци како и матичните, за секое куче ќе знаат дали е стерилизирано или не, какви се плановите на сопственикот, како го чува, дали ќе го размножува“, вели Илиески. Тој нагласува дека постојат искуства од европски земји во кои сопствениците на нестерилизирани миленици плаќаат надомест. Ова особено е важно за животните кои живеат во руралните средини бидејќи таму се оставени многу послободно да се движат и постојат поголеми шанси да се размножуваат.

Меѓу решенијата за бездомните животни треба да бидат и обврските за отворање шелтери по општините, што за некои од нив е премногу голема обврска. Тие ќе треба да ги третираат според принципот залови, стерилизирај, врати или пак да организираат кампањи за вдомување. Двете опции, според Илиески, се прифатени во Европа и во светот.

„За Европа не се туѓи маалските кучиња, но ги има во многу помал број отколку кај нас. Тие таму се под редовна контрола каде се движат, кој ги храни, кој има обврска да пријави доколку се случи нешто, дали им се придружиле нови, дали нивната коегзистенција е нарушена… Во развиените земји и шелтерите се многу поинакви од кај нас, тие се пријатно место каде може да дојде целото семејство, да одбере миленик, служат и како едукативни центри, а за тоа треба средства“, објаснува Илиески.

Нов предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните минатата недела поднесоа и пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, заедно со уште неколку пратеници. Овој предлог-законот предвидува освен одгледувачниците на кучиња, сите други сопственици да мораат да ги кастрираат своите миленици. За неспроведување на оваа законска одредба се предвидува глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност.

Сања Наумовска