Нема да има двојазичност на сите институции, тврди Заев

Апсолутно нема да има двојазичност на сите институции на целата територија на РМ. Законот за јазиците е согласно Уставот и со него само ќе се унапредат некои практични потреби на граѓаните кои досега не им биле овозможени, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања.

Премиерот потврди и дека ќе биде дефиниран правно-формално ансамбл за културата на албанските граѓани.

– Законот за јазиците е согласно Уставот. Онаму каде што има практична потреба и Уставот го дозволува тоа, законот така и ќе се реализира. Преку него гледам отстранување на некои потреби кои досега биле присутни кај граѓаните, а не биле овозможени. Тоа е унапредување на употребата на јазиците во РМ и секако, како што постојат ансамбли, без да се зголемуваат буџетските средства, само ќе биде дефиниран правно-формално ансамбл за културата на албанските граѓани, истакна Заев по потпишувањето на договорите за поддршка на млади земјоделци во МЗШВ.