Нема веќе преговори со Нимиц

Преговарачите за спорот околу името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, веќе нема да се среќаваат со посредникот Метју Нимиц. Преговорите за името ќе ги водат делегации од министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција, предводени од министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас. Поинтензивно ќе комуницираат и директорите за Балкан во министерствата, Александра Миовска и Софија Грамата. И двете дипломатки веќе биле присутни на последната рунда преговори во Њујорк и се добро упатени во преговарачкиот процес, велат истите извори.

Посредникот Метју Нимиц, кој најверојатно, за десетина дена ќе ги посети Атина и Скопје, ќе се сретне со министрите за надворешни работи. Министрите Димитров и Коѕијас, по последната нивна средба во Солун, веќе најавија дека преговорите ќе се одвиваат со подиректна и поинтензивна комуникација меѓу нив.
По последната рунда преговори во Њујорк, амбасадорот Васко Наумовски, го нарече пакетот што го предложи Нимиц недостоинствен, на што реагираа од Владата дека станува збор за негов личен став.