Неколку идеи за решавање на проблемот со аерозагадувањето

Да се набават електрични автобуси и да се реорганизира јавниот превоз, да се воведе тарифа за луксуз при регистрација на второ возило, да се забрани употребата на јаглен за затоплување на домаќинствата, да се засилат контролите на погоните за преработка на пластика и работилниците што горат отпадни масла. Итно да се почне со гасификација на градот, да се забрани палењето огнови на отворено, а на улиците да се постават светилки што апсорбираат СО2.

Ова се дел од решенијата што ги предложија граѓаните на денешната средба со градоначалникот Петре Шилегов, за намалување на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје.

Од Град Скопје информираат дека граѓаните кои во голем број дојдоа на оваа средба и ги понудија своите одржливи идеи, сознанија и искуства за надминување на проблемот со аерозагадувањето своите предлози до Градот Скопје ќе ги достават и писмено.

– Им благодарам на сите граѓани кои денеска во голем број дојдоа да ги споделат своите идеи, зашто сите сме дел од овој проблем и сите треба да бидеме дел од решението. Целта на оваа средба е да се обидеме да ја канализираме општата загриженост кај сите нас за проблемот со загадувањето на воздухот и заштитата на животната средина. Ќе ги разгледаме сите идеи што денеска ќе ги слушнеме и ќе ги утврдиме можностите тие да се спроведат на дело. Јас, како градоначалник на Градот Скопје веќе иницирав засилени инспекции на депонијата „Дрисла“, побарав да се изработи нов концепт за јавниот градски превоз што би ја вклучил и постојната железничка мрежа, а во градскиот буџет е планирано и субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП при набавка на зглобни електрични автобуси, изјави Шилегов.

Тој додаде дека за наредната година граѓаните ќе добијат 10 милиони денари субвенции при набавка на инвертери за затоплување и обука за оџачари.

– Ова се само дел од мерките што ги предлагаме, работиме на многу други среднорочни и долгорочни мерки за борба против загадувањето. Во Буџетот на Град Скопје за 2018 година ќе се издвојат 141 милион денари за заштита на животната средина, што е трипати повеќе од лани, рече градоначалникот Петре Шилегов, на средбата со граѓаните