Независните пратеници сега се воздржани

Осумтемина пратеници кои беа исклучени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат воздржано за нацрт-амандманите на Уставот за што расправата почна денеска во Собранието. Ова го соопшти пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, потсетувајќи го премиерот дека процесот на уставни измени е врзан со процесот на помирување и простување.
Тоа значи ретерирање во ставот на новата независна пратеничка група, чии членови на 19 октомври го овозможија двотретинското мнозинство за пристапување кон уствни измени, по што во нацрт-амандманите беа вградени и нивните забелешки. Можната промена на ставот беше најавена по притворањето на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
По најавата дека независните пратеници нема да гласаат „за“ нацрт-амандманите, кои се утврдуваат со по 61 глас, свикана е вонредна седница на работната група за помирување на координативното тело.
На вчерашната седница на телото за помирување, на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев, беше постигната начелна согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение за амнестија. По состанокот, премиерот Заев рече дека е покажана политичка волја и подготвеност за ваков чекор, но посочи дека дека мора да се направи дистинкција од насилство и учество во настаните од 27 април 2017 година.