„Независен весник“ за аерозагадувањето: Нема жител на Аеродром задоволен од мерките за чист воздух

Скопјани сметаат дека најголемиот проблем со кој се соочуваат во моментов – повеќе од урбанизацијата, од уништувањето на зеленилото и од јавниот сообраќај – е загадувањето. Дури 72 отсто од испитаните во анкетата, која специјално за „Независен весник“ ја спроведе истражувачката агенција „Брима галуп“, на прашањето кои се најважните проблеми со кои се соочува градот,  одговориле дека тоа се различните видови загадување на животната средина.

Првите места на листата на најзагадени градови во светот, што подолг период е неславен рекорд на градот Скопје, се гледаат и во резултатите од анкетата. Мнозинство од испитаниците (79 отсто) воопшто не се задоволни од тоа како се спроведуваат мерките за намалување на загадувањето во Град Скопје. Од нив дури 48 отсто одговориле дека воопшто не се задоволни и 31 отсто дека се донекаде незадоволни, а само 18 отсто одговориле дека се донекаде задоволни.

 

Жителите на општините Аеродром (100 отсто) и Центар (95 отсто) се најнезадоволни од мерките против аерозагадувањето. Општина Сарај е единствената општина во Град Скопје во која испитаниците во поголема мера се задоволни отколку незадоволни од спроведувањето на мерките против аерозагадувањето, при што половина од испитаниците рекле дека се задоволни, а 37 отсто дека се незадоволни со мерките. Исто така, испитаниците од урбаните региони на Град Скопје и етничките Македонци се далеку понезадоволни од имплементацијата на мерките за почист воздух отколку тие од руралните средини и етничките Албанци.

Како главен загадувач на воздухот во Скопје во најголем број (61 отсто) испитаниците ја навеле индустријата. Депонијата „Дрисла“, која со години не може да добие газда кому грижата за градскиот смет ќе му биде примарна, 21 отсто од испитаниците ја посочиле како главен загадувач, а за 3 отсто тоа е Цементарницата. Во многу помал број (17 отсто) испитаниците како главен виновник за загадувањето го посочиле начинот на затоплување на домаќинствата, односно тие што се греат на дрва, гуми, пластики и други штетни материјали, 8 отсто ги навеле издувните гасови од возилата, додека во многу мали пропорции се наведени други фактори кои загадуваат како: прашината од градилиштата (2 отсто), пренаселеноста и непланското градење (2 отсто), сите претходно споменати (6 отсто) и друго (4 отсто).

Општини во кои испитаниците во големо мнозинство ги споменале индустријата и фабриките како главен загадувач се Аеродром –  85 отсто и Центар –  7 отсто.

„Испитаниците на возраст од 18 до 54 години во многу поголема мера ја наведуваат индустријата како главен загадувач отколку испитаниците на возраст од 55 и повеќе години. Иако сите како главен виновник ги посочуваат фабриките и индустријата, сепак испитаниците кои одговориле дека донекаде се задоволни од спроведувањето на мерките имаат поголема тенденција издувните гасови од возилата да ги сметаат за релевантен фактор во загадувањето, за разлика од оние што се незадоволни од мерките и во многу поголем број ги наведуваат фабриките“, објаснуваат од „Брима галуп“.

Како куриозитет се чини показателот дека 39 проценти од испитаниците рекле дека се греат на цврсти горива, а 61 отсто сметаат дека со замена на ваквиот начин на греење најмногу се придонесува за чист воздух.

За 31 отсто од домаќинствата во Град Скопје основен извор за затоплување на домот е електричната енергија (клима-уреди, греалки, панели, топлинска пумпа, котел, термопечка итн.), а 29 отсто изјавиле дека се приклучени на централно градско греење.

Општини во кои најголем број домаќинства изјавиле дека се приклучени на централно градско греење се Центар – 84 отсто, Аеродром – 78 отсто и Карпош  – 72 отсто, додека општини со најголем број домаќинства кои изјавиле дека се греат на цврсто гориво се Сарај (97 отсто) и Шуто Оризари (87 отсто). Исто така, домаќинствата со пет и повеќе членови во поголема мера кажале дека се греат на дрва, пелети и други цврсти горива отколку две, три или четиричлени домаќинства.

Кај испитаниците најраспространето мислење е дека граѓаните на индивидуално ниво би можеле да придонесат за намалување на аерозагадувањето во Скопје, со тоа што посовесно би го користеле транспортот (82 отсто), односно би употребувале јавен превоз во загадени денови (34 отсто), би ги замениле автомобилите со велосипед/пеш/јавен превоз (32 отсто ) или би употребувале комбиниран превоз (16 отсто ). Притоа, занемарлив е процентот на граѓани (2 отсто) кои би го смениле начинот на затоплување на домот за да дишат почист воздух. Но, 20 отсто одговориле дека ги замениле дрвените со ПВЦ-прозорци и ставиле фасадна изолација.

Од друга страна, ни до 10 проценти не стигнува процентот на рециклирање во Македонија. Ниската свест за значењето на преработката на отпадот во корисни материјали се покажува и преку податокот во анкетата дека само 22 проценти од испитаниците сметаат оти селектирањето на отпадот може да го намали аерозагадувањето.

Маките на граѓаните со раскопаните улици кои пливаат во вода по краток дожд и по кои не може да се помине од паркирани автомобили на места за пешаци се само дел од причините што го истуркаа проблемот со улиците како втор по важност општински проблем (47 проценти).

На трето место на главни проблеми во општините се јавната чистота и собирањето на ѓубрето и сметот (35 отсто), а следуваат урбанистичко планирање и развој (24 отсто), отворањето нови работни места во општината (21 отсто), уличното осветлување (17 отсто), селектирање на отпад (15 отсто), водовод и канализација (14 отсто), локалниот економски развој (14 отсто), безбедноста и криминалот (12 отсто ) и други.

Општини во кои посебно се акцентира проблемот на загадувањето на животната средина се Аеродром (81 отсто) и Гази Баба (76 отсто), а во општина Чаир проблемот со инфраструктурата и одржувањето на локалните патишта (76 отсто).

Според местото на живеење, за испитаниците од руралните средини споредено со оние од урбаните, поважни локални проблеми се: снабдувањето со електрична енергија, проблеми со водовод и канализација, уличното осветлување, јавниот превоз и невработеноста во општината. Додека во урбаните средини за разлика од руралните, почести проблеми се: загадувањето на животната средина, урбанистичкото планирање и развој и безбедноста и криминалот.

Анализата е базирана врз резултати од телефонска анкета, спроведена од 28 февруари до 4 март 2019 година, на квотен примерок репрезентативен за популацијата над 18 години на територијата на Град Скопје. Примерокот е поделен на десет општини, според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење (град/село). Во анкетата се опфатени 511 испитаници. Маргиналната грешка на примерокот изнесува +/- 4,3 отсто на ниво на доверба од 95 отсто. (А.С. – Б.Б.)