Неделава продолжуваат судењата за предметите на СЈО

По паузата поради новогодишните и божиќните празници од утре во Кривичниот суд продолжуваат судењата иницирани од Специјалното јавно обвинителство, каде за неделава закажани се вкупно пет нови рочишта за случаите „Тендери“, „Т.Н.Т.“, „Транспортер“, „Монструм“ и „ Насилство во општина Центар“.

Првото рочиште годинава ќе се одржи во вторник за случајот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Случајот се наоѓа во доказна постапка.

Во Кривичниот суд во среда е најавено рочиште за предметот „ТНТ“, кој што се наоѓа во доказна постапка и се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски.

На обвинителна клупа во четврток треба да седнат и обвинетите во предметот „Транспортер“ и повторената постапка за „Монструм“. Случајот „Транспортер“ се однесува за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола за што се гонат поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица.

Во петок е закажано судското рочиште случајот „Насилство во Општина Центар“, каде обвинети се 14 лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Фото: Б. Грданоски