На Мицкоски му се исчисти патот

За неполн месец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се ослободи од двете сенки од минатото што му го попречуваа слободниот хоризонт. По игра на случајноста, во рок од десетина часа до него стигнаа две вести – дека Никола Груевски си најде друга татковина, а Сашо Мијалков физички ќе биде спречен да се плетка околу партијата. Двајцата негови ментори, кои го поставија на претседателската функција на ланскиот конгрес во Валандово, му се тргнаа од патот. До душа, само фиктивно доколку се слушаат противниците на раководството на партијата, но факт е дека Мицкоски неочекувано доби шанса да се тргне од прегратките на двоецот, кој изминатите петнаесетина години беше синоним за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Мијалков не е наш член, не нè интересира

Во белиот дворец засега елегантно одбиваат да ги коментираат најновите случувања посочувајќи дека за нив Груевски е политички прогонуван, но се против неговото бегство во Унгарија, додека Сашо Мијалков ниту формално не е член на партијата, така што не гледаат зошто би се занимавале со судбината на човекот, кој до минатата недела праќаше агресивни писанија до Мицкоски.

Во вмровските кругови се смета дека фотелјата на актуелниот претседател е дополнително зацврстена имајќи предвид дека единствената фигура моќна да направи превласт во партијата доби нова адреса во Шуто Оризари. Другите противкандидати, пред сè Митко Јанчев и Никола Тодоров, кои добија шут-карта, според проценките, немаат потенцијал околу себе да соберат критична маса да го сруши актуелното раководство.

Доколку некој од внатре или од надвор имаше цел да го урне Мицкоски, тоа можеше да се направи пред референдумот или веднаш по првото гласање во Собранието за уставните измени. Сега е јасно дека патот му е чист“, се дел од коментарите во партијата.

Сега се предвидува дека ќе дојде и до ублажување на реториката што Мицкоски ја употребуваше кон меѓународните партнери со цел дополнително зближување до структурите во Брисел и во Вашингтон. Лидерот на опозицијата и натаму е против договорот за името со Грција, но свесен е дека тоа горе-долу е завршена работа бидејќи помалку од теоретски се шансите некој од пребеганите пратеници да го повлече својот глас „за“ во наредните фази од имплементацијата. Тие се на бришан простор, исклучени од партијата, така што со сигурност може да се предвиди дека ќе дадат поддршка за Преспанскиот договор, чија реализација е сигурна, иако еден од главните покровители повеќе не е на слобода.

Во тој контекст е и последната средба на Мицкоски со еврокомесарот Јоханес Хан, кој потоа јавно се заблагодари што ВМРО-ДПМНЕ не ја кочи имплементацијата на договорот. И покрај тоа, Европската народна партија јасно му предочи на Мицкоски што очекува од него во наредниот период и очекувам тоа да биде реализирано. Тука мислам на расчистување со кадрите што се извалкани со поранешната гарнитура и промена на тврдокорното однесување. Дури потоа ќе може да смета на поддршка од ‘горе’“, вели поранешен функционер на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го промени стилот

Според него, тие промени во стилот на ВМРО-ДПМНЕ најмногу ќе се почувствуваат во јануари кога во парламентот ќе помине втората фаза од гласањето за уставните измени. Мнозинството од 80 пратеници се очекува да биде засилено, но овој пат Мицкоски не би се фатил толку лесно за „пиштолот“ и не би ги „застрелал“ одметнатите пратеници како што направи пред четири недели.

Професорот Јове Кекеновски, кој е дел од фракционерското крило на ВМРО-ДПМНЕ, нагласува дека најголемата опозициска партија не може да констатира оти се проветрила сè додека на високи функции поставува луѓе што му „измеќарувале“ на Груевски.

Кога зборуваме за Груевски и за Мијалков, среќни сме што конечно правдата (ќе) дојде до израз, иако едниот побегна. Со самото тоа, на некој начин ја призна вината. Сега има простор за сите оние што останаа да ја кажат целата вистина, каде се парите, што правеле и зошто правеле. След на околности му помогнаа на Мицкоски да се ослободи од тешкиот товар. Мијалков сериозно му дишеше во врат, па сега му останавме уште ние фракционерите, и тоа од принципиелен, а не од лукративен нагон, да му вршиме притисок. Сега е моментот Мицкоски да се ослободи од сите што ја кочат партијата да стане современа, демократска и чиста. Не може вршители на партиски функции да бидат луѓе обременети со обвиненија. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ не смее да прифати помирување, особено не со личности кои преку помирувањето бараат шанса да бидат ослободени од обвиненијата против нив. Тоа е порака и до премиерот Зоран Заев“, напоменува Кекеновски.

Разрешениот заменик-генерален секретар, Петар Богојевски, кој е застапник на т.н. реформаторско крило, не отстапува од ставот дека сите последни случувања во и околу партијата се само театар за деца и младинци.

Кој со кого бил скаран, па избркан, па смирен… Нема суштина во целата таа работа. Мицкоски со своите соработници ќе треба многу да сработат за ВМРО-ДПМНЕ да дојде во позиција да може да констатира дека се зацврстила и оти е способна да претендира на освојување на власта“, вели тој.

Превирањата во ВМРО-ДПМНЕ, кои резултираа со разрешувања и исклучувања од членство на десетина пратеници и функционери, сега се ставени во втор план во јавноста поради бегството на Груевски и притворањето на Сашо Мијалков. Во партијата добија време да ги завршат внатрешните реформи и на мир да се подготвуваат за наредните избори, кога и да бидат. Наредниот период ќе покаже дали Христијан Мицкоски е способен да ги држи уздите на една од двете најголеми политички партии во земјава или падот на Груевски и на Мијалков ќе го повлече и него.

Горан Адамовски