На Малта, со евтини летови, за живот без стрес

„Дојдоа во Македонија само да се венчаат и по неколку дена пак се враќаат на Малта“. Вака раскажува сосетката на млад брачен пар што решил да продолжи да живее во островската држава, оддалечена малку повеќе од еден час лет од Македонија. Таму е и личниот бербер на врвен македонски политичар. Малта е привлечна за осиромашените балканци повеќе години, но последниве и нивните власти се сè погостопримливи. Или, како што вчера кажа малтешкиот премиер Џозеф Мускат на првата официјална посета на земјава: „Среќни сме што илјадници Македонци живеат и работат во Малта и среќни сме што решивте да отворите конзулат во Малта, кој ќе им нуди услуги на вашите граѓани“.

Но не е среќен само тој.

„Ова е земја без предрасуди. Јас се оженив со жена од Малта, сега ми е полесно да најдам попристојна работа, ама овде и со минимална плата од 800 евра можеш да живееш нормално, без стрес. Кога бев во Македонија, работев во ‘Бетон’ за 300 евра. Со тие пари само кредити можеш да трупаш“, вели Огнен, кој работи како супервизор во ресторан на Малта.

Малтешкиот премиер Мускат, на прес-конференција во Владата на Македонија, топло ги покани македонските работници да дојдат во неговата земја посочувајќи дека владите на двете земји со договори ќе им овозможат најдобри можни услови за работа на работниците што ќе дојдат на Малта.

„Вие сакате да го спречите одливот на кадри, но ние се радуваме што имаме млади и не толку млади Македонци што доаѓаат да работат во Малта бидејќи нашиот најголем проблем сега е што немаме работници, а вашите работници можат да придонесат во нашата економија“, изјави Мускат.

Со два лета неделно до Малта, преку „Визер“, таа е лесно достижна дестинација, а Мускат посочи дека двете страни разговарале за соработка во здравството, кое посебно го издвои, но и во другите сфери.

„Наредната година бизнис-делегација од малтешки и интернационални компании кои работат во Малта ќе ја посетат вашата земја и ќе ги видат можностите за инвестиции и трговија“, најави Мускат информирајќи дека наредната година со е-бизнис делегација премиерот Зоран Заев ќе оди на Малта со цел унапредување на соработката на други полиња.

И додека владите ги пробиваат официјалните канали, најчесто преку пријателски канали, меѓу 20 и 30 илјади Македонци живеат и работат на Малта.

„Отидов во септември лани и работев од ноември до април како сметководител во инвестициски фонд. И во Скопје имав работено во банки и знаев дека на Малта има многу фирми од областа на финансиите. Имав бруто-плата од 1.500 евра, зашто имам факултет и искуство. Кога ќе се одземат давачките, ми остануваа околу 1.200 евра, што е натпросечна плата за тамошни услови“, вели Марјан објаснувајќи дека со таа плата може да се живее добро, дури и да се заштеди, ако не се јаде по ресторани.

 

Малтешкиот премиер Џозеф Мускат на прва официјална посета на земјава

Можности за бизнис гледа и македонскиот премиер.

„Трговијата ни е сега 200-300.000 долари и е многу мала. Дијаспората во Малта може да ни помогне во зголемување на трговијата, со искуствата и добрите врски“, изјави вчера Заев додавајќи дека во подготовка се договори за избегнување двојно оданочување и за заштита на странски инвестиции, што е најмалку што Владата може да го направи за мотивирање поголема трговија и можности за инвестирање во двете земји.

На поголемиот дел од Македонците што се на Малта, реално гледано, вакви договори и не им требаат. Тие работат главно како келнери, готвачи, бармени, собарки, чистачки. Поретко на позиции за кои треба факултет. Но има и ИТ-инженери, работа за која, велат, дури и не треба да имаш европски документи.

Најчесто почнуваат со 4,5 евра на час. Потоа стигнуваат до 6-7 евра. Најчесто прво работат на диво а потоа, откако газдите ќе им аплицираат за работна виза, чекаат до 90 дена за да ја добијат. Ако е потврден одговорот, можат да продолжат со легална работа, ако не, тогаш треба да се вратат во Македонија. Најмногу се жалат на тешкотии со наоѓање сместување.

„Ем се скапи ем се лоши условите“, велат Македонците за становите. Од пред три години цените на сместувањето се дуплирале. Живеат по неколкумина во стан, за поевтино. И масовно учат германски јазик.

„Точно, Македонците одат на курсеви за германски во Малта. Зашто овде не се платите толку добри колку во Германија. Многумина што ги знам заминаа“, вели Марјан.

Иако не е ветена земја, Малта е сè уште излез за многу Македонци што не успеале во родната земја да направат услови за пристоен живот.

„Овде во Малта секој што работи може добро да заработи. Еве јас, сега ќе се префрлам на работа во компанија за компјутерски игри. Ми даваат животно осигурување, платен превоз, бонуси. Никој од моите пријатели, а се дружиме главно ние од Балканов, не се жали дека му е лошо. Додуша, читаме на Фејсбук некои се жалат, ама верувајте, тие сигурно не сакаат да работат“, вели Огнен.

Тие што сакаат поголема заработка, наместо вообичаените 49 часа неделно, работат по 60-70. Ама, Огнен вели дека и не му е толку до платата, колку што му значи тоа што животот е среден и државата е организирана. Вели, неговата жена, која е Малтежанка, таму добила извод за родени за неколку минути на шалтер, а нему во Македонија му требале неколку дена.

Анита Салтировска