На ливчето немаше друг избор освен „За“ Мицкоски

За „Кинески систем“ и „византиски игри“ во Валандово, обвинуваат дел од делегатите на ВМРО – ДПМНЕ, на кои што воопшто не им се допадна начинот на кој беше организиран конгресот каде се избра наследник на Никола Груевски. Тие го сметаат конгресот за нелегитимен, посочувајќи конкретни примери, со кои, наводно, се гледа како партиската машинерија работи во полза на Христијан Мицкоски.

„Со самото тоа што отсуствуваа над 100 делегати од вкупно 544 колку што имаа право на глас, кажува дека добар дел од членството не се согласуваше со сето тоа што се случуваше изминативе недели. Таму, пак, во Валандово се одвиваа драми… На избирачкото ливче немаше друга опција освен да се гласа ‘За’, односно под бројот еден беше напишано името на Христијан Мицкоски и толку. Не можеше да гласаш против него, бидејќи таква опција не постоеше. Класичен кинески систем. Затоа е толку голем бројот на неважечките гласови. Јавно се зборуваше дека нивниот број не е 52 колку што беше кажано, туку најмалку 80, но подоцна, триесетина гласа се пренасочени како важечки и со тоа му се обезбеди потребната подршка на Мицкоски од две третини од делегатите. Хаос беше и околу бројот на делегатите, затоа што првиот ден на конгресот беше соопштено дека присустувувале 411, а вториот ден – во саботата 438, што е уште почудно ако се знае дека регистрацијата на делегатите е можна и трае само еден ден“, брифираат високи партиски функционери.

(Г.А.)