На „Бихаќска“ си играат со власта заради амнестиите

Најновите измени во Кривичниот закон, со кој ќе се амнестира и економскиот криминал направен за време на поранешната власт, го докрајчи и највоинственото крило кај социјалдемократите. Верувањата во правната држава се распрснуваат од ден во ден, а најтрагично е што никој не може со сигурност да каже дека е допрено дното. Незадоволство му било искажано и на претседателот на партијата Зоран Заев, но неговите аргументи дека е подобро да се плати политичка жртва отколку државата да пропадне – била пресудна да се замижи и пред дополнителната амнестија.
Извори од „Бихаќска“ брифираат дека, како и за секоја измена или одлука што треба да се протурка во Собранието, бил свикан координативен состанок со пратеничката група на СДСМ и на помалите коалициски партнери. На средбата премиерот Заев ја образложувал потребата од донесувањето закон за селективна амнестија, но им порачал на пратениците дека тоа можеби нема да биде доволно за да се обезбеди двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени за договорот со Грција. Аргументирал оти дел од пратениците од опозицијата што гласаа „за“ спогодбата од Преспа сега се двоумеле и отворено кажал дека без нивните гласови целиот процес ќе пропадне.
„Дел од колегите му укажуваа дека се претерува со попустливоста објаснувајќи оти Никола Груевски и неговиот режим беа симнати со паролата: ‘нема правда, нема мир’. Посочуваа дека цената што треба да се плати за да се добијат гласовите од другите пратеници е можеби превисока. Покрај личното незадоволство, споменат беше и гневот што ќе се предизвика во јавноста и меѓу поддржувачите на СДСМ, како и меѓу граѓаните што секојдневно протестираа против Груевски, а сега се чувствуваат измамено и изневерено. Заев одговори дека ниту една цена не е доволно висока кога е во прашање иднината на Македонија. Рече дека е подготвен тој самиот да се жртвува само земјата да тргне по правиот пат. Беше споменато дека нашите меѓународни партнери бараат правда и правна разрешница на настаните од 27 април, а не амнестија, но одговорено беше оти и тие се свесни за ситуацијата, поради што дале зелено светло за ‘помирувањето’, за кое од прв момент ни беше кажано оти ќе значи амнестија. На крајот, се договоривме да ги поддржиме и законот за амнестија и измените во кривичниот законик“, вели пратеник од владејачкото мнозинство.
Тој посочува дека во првата фаза од донесувањето на законот за амнестија, имало пратеници од власта што воопшто не гласале што било доказ за нивниот принципиелен став. Подоцна, во следните фази и тие ја увиделе потребата од изгласување на такво законско решение особено откако и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му дадоа поддршка. Членови во раководните структури на СДСМ велат дека внатрепартиската демократија е на прилично високо ниво што овозможува размена на мислења, но и жестоки кавги и недоразбирања што некогаш оди на штета на интересите на партијата. Велат дека исто било и сега кога се на власт, и порано кога беа во опозиција.
„Разликата е во стилот на владеење меѓу Бранко Црвенковски, кој ги соопштуваше одлуките и ретко кој му се спротивставуваше и Зоран Заев, кој дозволува критика и од пониските ешалони. На пример, на еден состанок пред локалните избори минатата година, од општинските организации во источниот дел од земјава го ‘замолија’ Заев да не брза со Законот за јазиците, барем додека поминат изборите, затоа што тоа ќе се одрази врз резултатите во нивните средини. Истото му го рекоа и од тетовскиот огранок. Ги послуша“, тврди нашиот соговорник.
Според него, претседателот на партијата прилично јасно и отворено им кажува на сопартијците што мора да се направи за да се постигнат одредени цели. Така, на пример, веднаш по парламентарните избори и одбивањето на ДУИ да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, на своите во СДСМ им кажал дека ќе мора да се прифати тиранската платформа. Прифатено било под девизата: „Да го тргнеме Груевски, да дојдеме на власт, па ќе менаџираме“. Подоцна, како што растеле апетитите на Али Ахмети, така морало да расте и прагот на толеранција.
„Кога дојде ред на Законот за јазици, една наша поранешна пратеничка, која беше прилично експонирана во јавноста, му рече дека тоа не е добро и си замина среде расправа“, вели изворот од „Бихаќска“.
Во Социјалдемократскиот сојуз засега ја отфрлаат можноста некоја од струите во партијата да се обиде да ја искористи ситуацијата и јавајќи на бранот на незадоволство во јавноста да се обиде да го тргне Заев од кормилото. Во тој контекст се коментираа и последните анкети и анализи на медиуми и новинари блиски до власта кои му сугерираа на премиерот да го прифати предизвикот и да го пресели својот кабинет од „Илинденска“ кон Водно.
„Самиот тој неколку пати во изминатите денови рече дека нема да се кандидира за претседател, а тоа ни го вели и нам. Што се однесува до струите во партијата, тие во моментов не се доволно моќни ниту да му се приближат на Заев, така што неговата позиција е сигурна“, заклучува функционерот на СДСМ.

Горан Адамовски