Наставници од Гостивар ја прекинаа наставата, бараат плати

Наставниците во ОУ „Единство“ утрово не држат настава, поради неисплатената плата за ноември. Синидикалната организација на просветните работници ќе чека на исходот на состанокот во локалната самоуправа, по што, како што велат, може да се очекувааат порадикални чекори, пренесе МИА.

Платите за минатиот месец не ги добиле околу илјада вработени во сите основни и средни училишта на подрачјето на општина Гостивар. За состојбата ја информирале и регионалната канцеларија на СОНК.

Од таму велат дека веќе имале состаноци со претседателот на Советот на општината и градоначалникот за надминување на проблемот со исплатата на платите.

– Уште вчера започнавме со разговори и формиравме петчлена работна група, која ги води преговорите. Состојбата станува сериозна особено заради тоа што голем дел од нашето членство има подигнато кредити, а доѓаат и празници. Ние инсистираме да се добијат платите што поскоро. Ако не се исплатат до среда, потоа ќе биде комплицирано, бидејќи до тогаш работи државниот трезор. Го очекуваме исходот по состанокот во општината, по што ќе решиме како понатаму, изјави за МИА Тафа Амети, претседател на регионалниот.

Амети смета дека одлуката на колегите во ОУ „Единство” е индивидуална и дека информации за прекин на наставата во останатите образовни институции. Во текот на денот ќе има и консултации и анализа на состојбата со раководството на СОНК по што ќе се донесе одлука за натамошни чекори.

Според најавите, денеска во 13 часот градоначалникот Арбен Таравари и претседателот на Советот Насир Муслиу ќе се состанат за да најдат решение за надминување на состојбата.

Проблемот околу исплатите настана со неприфаќањето на предлог одлука за реабаланс на општинскиот буџет, на последната седница.

Исплатата на платите за вработените во образованието се врши со средства од дотации од Министерството за образование и 10% од општинскиот буџет. Парите од Министерството се стигнати, но не е извршен ребаланс на буџетот на општината. Токму одлуката за ребаланс на буџетот за образование беше предмет на препукувања меѓу мнозинството во Советот и локалната власт на последната седница.