Над 500 планинари се искачија на врвот Клепа во чест на Калина и Александар

Над 500 планинари од Македонија и од планинарскиот клуб „Железничар 2006“ од Врање денеска се искачија на врвот Клепа на надморска височина од 1150 метри, во спомен на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски кои на денешен ден пред една година загинаа на Кајмакчалан.

Искачувањето го организираа општините Градско и Росоман и еколошките друштва „Грин Пауер“ од Велес и „Планинарски предизвик 12 врвови“ акција на ПД „Трансверзалец“.

По напорното неколкучасовно искачување, планинарите се спуштија во манастирот „Св.Архангел Михаел“ во близина на село Горно Чичево, каде што се одморија и се дружеа на заеднички ручек обезбеден од организаторите и војничко гравче од Велешкиот гарнизон на АРМ.