МНР молчи за Камчев, почесните конзули без дипломатски пасош

Триесетина почесни конзули на странски земји во моментов работат во Македонија. Горди на честа што им е доделена, тие работат на унапредување на односите меѓу земјата што ги назначила и земјата домаќин, не добиваат плата, туку хонорар, но имаат право на други погодности и бенефиции. Меѓу нив не е дипломатскиот пасош, кој би ги заштитил од евентуално кривично гонење. На конзулскиот список се очекува да се придружи и бизнисменот Јордан Камчев, кој ќе треба да ги брани боите на Бугарија.

Од македонското Министерство за надворешни работи и вчера ни повторија дека по добиеното официјално барање од Софија, следува вообичаена законска процедура. Откако барањето ќе се разгледа во МНР, за мислење се прашуваат во Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство при Владата. Кога ќе се комплетира документацијата, министерот за надворешни работи го предлага кандидатот на странската земја до Владата и ако тој или таа добие одобрение, министерот за надворешни му издава егзекватура, што е слично со агреман за амбасадорите.

Во бугарските медиуми многу малку му се посветува внимание на „непристојниот предлог“ на премиерот Бојко Борисов. Ретките што пишуваат се повикуваат на веќе објавените информации од македонските медиуми, а софискиот весник „Дневник“ се обидел да добие некоја информација плус од Владата, но барем до вчера попладне не добил одговор. Се напоменува дека станува збор за најбогатиот македонски бизнисмен и се набројуваат неговите бизниси, врските со поранешната влада на Никола Груевски, како и сопствеништвото на пропадната компанија МПМ, која ги издаваше „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“. Единствено новинарот и поранешен пратеник во бугарскиот парламент, Велизар Енчев, во својот остар текст на интернет-страницата Frognews.bg обвинува дека станува збор за скандалозен избор на властите во Софија.

Газдата на Вардар, Сергеј Самсоненко, ја предводи листата на почесни конзули во Македонија. Тој го предводи конзуларното одделение на Русија во Битола. Газдата на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, пак, е конзул на Данска, Светозар Јаневски од инвестициската група „М6“ е претставник на Финска, д-р Сашко Кедев на Индонезија, Бранко Азески од Стопанска комора на Црна Гора, Коста Костовски (син на Трифун Костовски) на Полска, Штерјо Наков (првиот човек на „Фершпед“) на Романија, Силјан Мицевски (ексградоначалник на Битола) на Србија, Ненад Јаначиевиќ (претседател на Адвокатска комора) на Перу, бизнисменот Ајдован Адемовски на Турција…

Меѓународната положба на почесните конзули е регулирана со Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година. Главно се назначуваат материјално ситуирани лица, државјани на земјите примачи, а кои имаат блиски односи со земјата што ја застапуваат, иако има исклучоци. Вообичаено, помалите земји назначуваат конзули бидејќи не можат да си дозволат испраќање кариерен дипломат, а оние поголемите за да ја прошират мрежата во државата во која веќе имаат претставништво на ниво на амбасада. Ирска, на пример, има почесен конзул во Шпанија, каде што многу нејзини граѓани поседуваат имот, но и на најголемите грчки острови, каде што назначените грчки државјани им помагаат на ирските туристи. Почесните конзули не земаат плата, понекогаш добиваат симболичен хонорар или надоместок на трошоци за извршените должности. Имаат право на дипломатски таблички, службени легитимации, резервирано паркинг-место за потребите на конзулатот. Членот 41 од Виенската конвенција ги штити од апсење, освен во случаи на тешки кривични дела.

Ајдован Адемовски е претседател на Здружението на почесни конзулати во Македонија. Вели дека самата функција не му овозможува големи бенефиции, но станува збор за голема чест и привилегија.

Лично за мене тоа е огромно задоволство да ги претставувам двете држави: Македонија и Грција. Моите обврски се организирање средби и манифестации од културно поле, организирање бизнис-делегации, презентирање на можностите за инвестиции… Покрај тоа, претседател сум и на Македонско-турската стопанска комора, имам еден куп обврски, но сите ги извршувам со љубов. Плата не земаме, туку хонорар. Нашиот статус е регулиран со Виенската конвенција. Дипломатски имунитет не ни следува, така што не сме заштитени доколку некој од нас работи незаконски. Поседуваме дипломатска лична карта, која повеќе е симболична и е обележје. Напоменувам, претставувањето на државата што те назначила во државата во која живееш е привилегија и треба да се извршува посветено и чесно“, ни изјави Адемовски.

Самата процедура за именување е сложена и долготрајна и може да потрае со месеци. Конзуларните канцеларии се екстериторијални и се исклучени од претрес, освен во случај на тешко кривично дело. Со дипломатско возило, ослободени се од контрола на царински премини. Медиумите од регионот пишуваат дека во Србија во моментов има педесетина, а во Хрватска четириесетина странски конзули. Кралството Југославија располагала со 100 почесни конзули во странство (на најголем дел од нив им се откажани функциите во Втората светска војна), а СФРЈ, пред почетокот на воената криза во 1990 година, имаше 26 почесни конзуларни функционери во странство.

Горан Адамовски