МНР испрати нота до Грција дека договорот е ратификуван

Нотата што треба да ѝ го отвори патот на Македонија за преговори со ЕУ и за добивање покана за членство во НАТО – на самитот во јули, е испратена до Грција.
Македонското Министерство за надворешни работи соопшти предмалку дека грчката влада е известена дека парламентот го ратификувал договорот за името.
Како што е предвидено и со договорот, по брзата ратификација во македонскиот парламент македонската влада требаше да ја извести грчката дека е завршена таа обврска. Потоа грчките власти треба да пратат известување до ЕУ и до НАТО дека е надмината основната пречка за понатамошно интегрирање на Македонија во овие организации. Се очекува тоа известување грчките власти да го испратат во наредните денови, можеби уште утре, со оглед на тоа што самитот на Европскиот совет во Брисел почнува наредната седмица.
Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша и го достави Законот за ратификација на договорот на потпис кај претседателот Ѓорге Иванов.
Тој има рок од седум дена да одлучи дали ќе го одобри договорот, кој беше потпишан во неделата во Псарадес, грчкиот дел на Преспа.