Мијалков поседувал 11 милиони евра на две сметки

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков кој беше приведен вчера во центарот на Скопје поседувал 11 милиони евра на две сметки кои биле на име на друго правно и физичко лице, но имало сознанија дека се всушност негови. Ова е дел од решението за притворот што му беше определен на Мијалков, а се темели на допи од Управата за финансиско разузнавање.

Специјалното јавно обвинителство имало и оперативни информации дека Мијалков ќе избега односно дека презема дејствија и активности кои укажуваат на сериозна опасност од бегство.

Притворот кој му е определен на поранешниот шеф на УБК е поради опасноста од бегство, а неговиот адвокат Антонио Апостолски рече дека ќе поднесе жалба на решението бидејќи судот не го сослушал обвинетиот.
Специјалното јавно обвинителство вчера побара, а судот му одреди притвор на поранешниот шеф на тајната полиција кој веднаш беше спроведен во затворот во Шутка. Притворот е побаран за еден од клучните предмети на СЈО, „Таргет – тврдина“ односно за масовното прислушување.