Мијалков од Шутка утре треба да биде донесен во суд

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој вечерва беше приведен во хотел Мериот во центарот на Скопје, утре треба да биде спроведен од истражниот затвор во Шутка во Кривичниот суд. Таму во 10 часот треба да продолжи предметот Тврдина таргет, случај за кој му е одреден триесетдневен притвор.

На минатото рочиште во судот сведочеше поранешниот вработен во УБК, Ѓорѓи Лазаревски кој заедно со својот колега, Ѕвонко Костовски ги копираа прислушуваните разговори и ги предадоа на тогашната опозиција која ги објави.

Специјалното јавно обвинителство денеска побарало, а Кривичниот суд му одреди притвор на Мијалков поради опасност од бегство.

Неговиот адвокат, Антонио Апостолски вели дека одлуката на судот била незаконска бидејќи обвинетиот не бил известен и не бил повикан да се изјасни пред судија на претходна постапка или Кривичен совет за барањето за притвор и најави жалба на одлуката.

Мијалков е петтобвинет за масовното прислушување заедно со поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои се во бегство во Грција.

Тој денеска беше во суд на рочиште за случајот Тортура, а му се суди и за набавката на опремата за прислушување во случајот Трезор и за изборни нерегуларности во случајот Титаник 3.

Сепак досега Специјалното јавно обвинителство не бараше притвор за него со образложение дека немаат информации дека сака да бега. Притворот му е определен откако неговиот братучед Никола Груевски објави дека добил азил во Унгарија каде избега по затворската казна.  По неговото бегство во притвор завршија и неговите соработници Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Во Шутка е и најбогатиот Македонец, Орце Камчев чии бизниси се поврзуваа токму со Мијалков. Само Камчев е во хашка келија, другите притворени се во обични келии во Шутка.

Досега нема објавено снимка од неговото апсење, а во Шутка бил донесен со цивилни возила. Ф.Ф.С.