Мицкоски: Ќе се радуваме за ЕУ, ама прво ќе расчистиме со Заев

 

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш побара амнестија за ланските насилства во Собранието. Од Кавадарци, каде што протестираа против владата на Зоран Заев, истакнаа дека доста било уништување на македонското во Македонците.

„Пуштија на слобода над 800 криминалци, кои се вратија на улиците. Тие може да ги амнестираат, а патриотите не може. Нема веќе така! Денес на слобода шетаат и оние убијци на децата кај Смилковското езеро, луѓето се прашуваат зошто владата е млака и не реагира. Мораме да бидеме искрени и да кажеме дека Заев и на овој начин тргува со гласови. Она што за обичниот човек значи страв и несигурност, за него значи простор за договори и политички поени, токму со оние криминални структури од населението со кои оваа власт е во тесна и нераскинлива врска и папочно се поврзани. Владата на СДСМ и криминалците ослободени од затворите. Затоа е потребна амнестија за нашите патриоти од 27 април“, порача претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој ги упати пораките што редовно му ги испраќа на главниот политички опонент, овој пат засилени со саботната прослава по плоштадите низ земјата за добиената покана за членство во НАТО. Од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски е побарана оставка поради убиството на Никола Саздовски, како и за другите нерасветлени случаи во Скопје. Се критикуваше политиката во земјоделието, откупот на лубениците, неисполнетите ветувања за решавање на проблемите со фирмите „Еурокомпозит“ и „Колска“, лошата состојба во здравството…

Тој рече дека ќе ја слави европската иднина, но најпрво ќе направеле ревизија на аболицијата за „Глобал“, како и за ослободителната пресуда за „Поткуп“. Но, во овој момент сме далеку од ЕУ и од НАТО, оти таму не се местат тендери за членови на владата или за браќа на премиерите, не се возат со воени хелихоптери по приватни ручеци и вечери, нема ослободени криминалци или аболирани премиери, нема градоначалници со комбе шверцуваат цигари…

„Кога од власта ќе речат се договарате за ДИК за да сме осигурале некаква амнестија, треба да се знае дека на таквите лаги им нема крај. Не бе луѓе, не бараме ништо, бараме само фер услови да можеме да ве декласираме на следните предвремени парламентарни избори. Тоа бараме. Тоа ли е толку многу и страшно? Толку ли не сакате да се пуштите од власта? Јас ве разбирам таа власт ви е неопходна да ги обелите вашите криминални досиеја, да можете да заработите уште неколку десетици милиони евра, но на тоа ќе му дојде крајот, за тоа ќе одговарате“, подвлече Мицкоски. (Г.А.)