Мицкоски: Ќе се воздржам од коментар за писмото против мене

Хаос и неизвесност владее во ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од самото одржување на конгресот, кој е закажан за викендов во Валандово, преку избирањето наследник на Никола Груевски, па сѐ до можноста за внатрепартиски раскол и формирање нови фракции. Извршниот комитет на партијата одлучува дали ќе го прифати барањето на „Иницијативниот одбор“, кој бара одложување на трката до февруари и престанување на притисоците во полза на генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера не сакаа официјално да ги коментираат случувањата. Мицкоски, кој се посочува како директен виновник, заедно со Груевски за лошата атмосфера и случувањата во најголемата опозициска партија, побара тајмаут до наредната недела, кога работите би требало да бидат појасни.

„Засега, ќе оставам партијата да зборува и нема да го коментирам писмото против мене“, ни изјави во кусиот телефонски разговор.
Илија Димовски, кој е еден од потписниците на писмото, вели дека очекува ИК да донесе разумна одлука, не сакајќи да коментира што ќе се случува доколку конгресот сепак се одржи.

„Бараме обединување, а не раскол“, дециден е Димовски.

Високи партиски функционери брифираат дека конечната одлука ќе биде донесена денеска на седница на централниот комитет, кој ќе расправа по сугестиите на ИК, кој заседаваше вчера.

„Тешко дека ќе поминат барањата на потписниците на писмото, така што конгрес, доколку не се случи чудо или некои целосно непредвидени работи, сепак ќе има“, тврдат нашите соговорници.

Денеска во 15 часот завршува крајниот рок за пријавување кандидатури до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, односно до архивата на партијата. Врз основа на Статутот на партијата, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На конгресот во Валандово на 22 и 23 декември ќе можат да гласаат 544 делегати, истите оние што гласаа и на претходниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ пред две години во Куманово. Меѓу нив се притворените пратеници Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, како и ексминистерот Митко Чавков.

„Не се само тие што нема да учествуваат. На пример, на списокот се и Сашко Кедев и Ганка Самоиловска-Цветанова, кои се надвор од земјава и сигурно нема да присуствуваат на конгресот. Има еден куп луѓе што се разочарани, други што воопшто веќе не се активни, трети што нема да дојдат во Валандово поради револт од притисоците што им беа правени, така што прашање е дали конгресот е легитимен“, велат истакнати членови на партијата.

Тие информираат дека се очекува само една единствена кандидатура: таа на Христијан Мицкоски, кој, наводно, има поддршка од Никола Груевски и кој ќе му овозможи на поранешниот премиер да владее од сенка. Дури и Филип Петровски не планира да се вклучува во трка „во која однапред е познат противникот и тоа со нечесни игри“. Непознато е што ќе се случува со партијата доколку Мицкоски навистина стане претседател, односно како ќе реагираат Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Филип Петровски, Борис Змејковски… Тие засега ја чекаат одлуката на централниот одбор, а потоа ќе ги влечат наредните чекори.

Триесетина поранешни и актуелни партиски функционери обвинија за низа нерегуларности, како и за фаворизирање на Мицкоски од страна на раководството. Се изнесуваат низа примери во кои делегатите на претстојниот конгрес во Валандово биле заплашувани да гласаат за актуелниот генерален секретар, поради што се бара одложување на целата постапка.

Лидерот во оставка, Никола Груевски на отвореното писмо одговори преку Фејсбук профилот, порачувајќи дека дека само на седница на Централниот комитет може да се одлучува за било какви забелешки и евентуални предлози за промена на веќе донесената одлука.

– За се во врска со било какви забелешки и за евентуални предлози за промени на веќе изгласаната одлука може да се одлучува само на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе има седница пред одрќување на конгресот. На истата седница на ЦК, секој ќе може да изнесе свои аргументи и предлози токму пред партиското тело кое ги носи најважните одлуки од овој тип, вели Груевски. Додава дека одлуката за одржување на конгрес се носи со најмалку две третини од бројот на членовите на ЦК и оти евентуалната промена на одлуката може да се носи само со двотретинско мнозинство.

Напоменува дека одлуките за одржување на вонредниот конгрес и за бројот на делегати се донесени едногласно и оти ниту еден член на Централниот комитет не дал никаква забелешка и не предложил колективно претседателство.

За барањето да се назначи колективно претседателство до одржување на конгресот во февруари, Груевски посочува дека за тоа се потребни неколку услови и чекори меѓу кои и промена на Статутот на партијата со кој би се овозможило колективно раководство и одржување на посебен конгрес на којшто би се назначило колективното раководство.

Во обраќањето преку Фејсбук, Груевски уште еднаш истакнува дека останува неутрален во процесот на избор на претседател и ги повикува сите заинтересирани кандидати да ги соберат потребните потписи и да се кандидираат во предвидениот рок.
– Уште еднаш повикувам и апелирам да се внимава со јавните изјави кои се упатуваат кон органите на партијата и истовремено тоа се прави преку медиумите или социјалните мрежи со цел да не се направи политичка штета на партијата, вели Груевски.

Горан Адамовски

фото: Борис Грданоски