Мицкоски: Ќе бидам претседател на сите

Повеќе од 400 делегати присуствуваа на првиот ден од дводневниот 16 Конгрес во Валандово на ВМРО ДПМНЕ на кој што се избира наследник на Никола Груевски. Меѓу нив се актуелниот лидер, поранешениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, екс градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски како и еден куп други видни поранешни и актуелни партиски функционери, но не и пратениците Антонијо Милошоски и Илија Димовски.

Пред присутните се обрати единствениот кандидат за претседател, Христијан Мицкоски кој на делегати им порача дека ќе биде претседател на сите членови на партијата.

„Без оглед дали некој е активен или не е, дали е поранешен или не е, дали е потписник на писмото или не е, јас ќе бидам претседател на сите и ќе ги прегрнам сите. Треба да работиме заедно за доброто на државата и нејзините граѓани“, рече Мицкоски.

Конгресот продолжува утре во 11 часот и тогаш треба да се гласа за кандидатурата на Мицкоски. Потребно е 360 делегати да се изјаснат позитивно за тој да биде новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Во досегашите 27 години на партијата, претседателската функција ја извршуваа само две личности. Љубчо Георгиевски ја предводеше од 1990 година до 2003 година, а Никола Груевски до 2017 година.