Мицкоски се всели во кабинетот на Груевски

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска му го предал партискиот кабинет на новоизбраниот лидер на партијата Христијан Мицкоски.

Груевски му посакал успех во работа на Мицкоски, истакнувајќи дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните очекуваат мудрост и разум во одлучувањето, како и решителност во справувањето со предизвиците наметнати од Владата, пред се, како што е наведено во партиското соопштение, економското фијаско, загрозената слобода и заробената држава.

Како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочил дека водењето на ВМРО-ДПМНЕ претставува голема чест и предизвик, дека ќе биде максимално насочен кон исполнување на очекувањата и креирање на понуда за она што се очекува од ВМРО-ДПМНЕ да биде одговорна опозиција и жесток критичар на сите неразумни политики од владата.

– Приоритет ќе биде зајакнувањето на партијата, а силното ВМРО-ДПМНЕ ќе претставува фактор во креирањето стабилна иднина на државата, заштита на интересите на државата, и воспоставување на економски просперитет потребен на граѓаните, како и градење на мостови на соработка, истакнал Мицкоски.