Мицкоски: Не сум видел нобеловец кој направил толку многу црнила

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната 27 годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ рече дека досега не видел нобеловец кој јавно кажува дека ќе јаде живи луѓе.

– Не сум видел нобеловец, а кој толку многу црнила направил за својата земја ибарал мито – додаде Мицкоски.

Пред присутните, в.д. Претседателот Јован Јаулевски и претседателот на партијата Христијан Мицкоски оценија дека власта ги разочарала младите, а доказ за тоа е непрестаното иселување.

Мицкоски ја критикуваше економската политика, со заклучок дека оваа година била неуспешна, а идната, рече, ќе биде катастрофална, задолженоста на земјата станува рекордна, а по индексот на корупција е на 112 место.

Но ова е и време, според него, кога народот излегува од бунило.

– Мора самиот да им стави крај на сите злоупотреби кои ја разнебитија нашата заедничка татковина, нашата заедничка чест. Македонија се движи по црвена линија, помеѓу пропоста и очајот – или ќе се обединиме за да ја спасиме, или ќе се разделиме и распрснеме, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За партијата што ја предводи рече дека е веќе на нозе и меѓу народот и, како што рече, ќе ја донесе искрата на зората што ќе ги потисне црнилата.  Само обединети, рече Мицкоски, ќе успеат да победат на претседателските, а потоа и на предвремени парламентарни избори.

За сегашниот претседател на УМС Јован Јаулески, Мицкоски кажа дека Унијата ја води во најтежок период кога младите се на маргините и ја планираат иднината надвор од државата.

Јаулески, кој по оставката на Лука Кржалоски во октомври стана в.д. претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека изминатата е година на многу предизвици, но дека Унијата е подготвена да ги надмине.

-Ја ветуваа Младинската гаранција за вработување, но изгледа чекаат сите да се иселат од државата во која работа има само за деца на функционери на СДСМ, рече Јаулески, а додаде и дека животот на младите е загрозен и тие се небезбедни на улица, спомнувајќи го убиството на Никола Саздовски-Саздо.

Затоа немаме друг избор, рече тој, туку да се обединиме против оваа несреќа.

– Сакаме перспективна иднина, здраво општество со европски вредности, истакна Јаулески.