Мицкоски и Мијалков се виделе по референдумот, па ја спукале?

Во ВМРО-ДПМНЕ нема да одговорат на писмото што до врвот на партијата го испрати исклучениот Сашо Мијалков. Проценките во „белиот дворец“ се дека секое понатамошно влегување во полемика со човекот кого го сметаат за главен виновник за превратот во Собранието ќе донесе само штета, особено што јасно се знаело кој е кој, како и што работел изминатите години.
Што точно се случува меѓу претседателот Христијан Мицкоски и братучедите Мијалков и Никола Груевски, веројатно, знаат само тие бидејќи од различни извори од и околу партијата стигнуваат различни информации. Несомнено е дека Мицкоски победи на ланскиот конгрес во Валандово благодарејќи на двоецот што цела деценија „палеше и гасеше“ со партијата, па останува дилема каде пукнала љубовта во изминатите десетина месеци, поточно по референдумот, кога, според нашите информации, била последната средба со Мијалков.

Братучедите го донесоа Мицкоски на чело
Јавна тајна е дека братучедите отворено навиваа Мицкоски да го наследи Груевски на челното место на партијата. Од тие причини, сите други кандидати (Илија Димовски, Антонио Милошоски, Филип Петровски, Никола Поповски, Никола Тодоров…) беа многу лути, па заедно со дваесетина истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ беше побарано валандовскиот конгрес да се одложи со цел стекнување фер услови за борба. Ништо од тоа, Мицкоски, кој му беше советник на Груевски додека беше на чело на Владата, победи без конкуренција и оттогаш почнаа шпекулациите во јавноста дека ќе им биде продолжена рака. На довчерашниот лидер на партијата му беше дадена функцијата почесен претседател, иако иронично беше искоментирано оти и Љубчо Георгиевски го намести Груевски за свој наследник, доби почесна функција, па на крајот беше избркан од партијата.
Не стивнуваа реакциите меѓу членството дека новиот лидер не е нивен автохтон производ, односно оти негова примарна задача ќе биде да ги заштити своите ментори од кривичен прогон. Во ВМРО-ДПМНЕ беа внимателни колку и како излегуваат информациите за блискоста меѓу нив, па набргу беше „пробиена“ веста дека Мицкоски и Груевски се скарале, при што првиот на вториот му забранил да му се меша во водењето на партијата.
„Мицкоски од старт најави дека самостојно ќе ја води партијата и тоа го докажува и денеска. Нормално, на почетокот му требаше време да ги пофати конците и да види кој чесно, а кој од личен интерес е во ВМРО-ДПМНЕ. Откако тоа полека излезе на површина, многу полесно му беше да ги повлече потезите за консолидирање на партијата. Членството одамна го бараше тоа“, велат поддржувачите на Мицкоски.
Треба да се напомене дека добар дел од луѓето што сега седат во извршниот и во централниот комитет беа поврзувани со старото раководство. Сите тие до еден кренаа рака за исклучување на Мијалков од партијата, додека за Груевски немало докази дека лобирал за уставните измени. Подоцна, и членовите на општинските комитети на ВМРО во Скопје без поговор ги прифатија острите мерки на челништвото.
Сепак, извори од партијата брифираат дека Мицкоски и Мијалков биле во редовен контакт, па дека дури и имале средба веднаш по референдумот. Дијаметрално спротивни се информациите што доаѓаат за исходот. Според едни, двајцата ја сковале стратегијата како договорот со Грција да помине, а секој да биде чист (ВМРО да се покаже како бескомпромисна партија, а Мијалков да го реши проблемот со СЈО), додека, според други, токму тогаш и се случила кавгата што ја прелеала чашата.

Дали Мијалков раскрстил и со Груевски
Всушност, вмровското членство сиов овој период отворено укажува оти пратениците биле цел на уцени и закани, како и обиди за поткуп од „висок поранешен функционер, кој и денеска е многу моќен“, но никогаш не е доставен ниту еден доказ.
„Знаејќи дека е невистина обвинувањето заради кое сум исклучен од партијата, одлучив да оставам да поминат неколку дена, за сите членови да видат дека раководството нема да извади и нема да презентира ниту еден доказ против мене. Лагите што ми беа накалемени беа фабрикувани заради личен интерес. Јавно те повикувам за обвинувањата, поради кои бев формално исклучен од партијата, да презентираш докази пред органите на партијата и јавноста. Наместо кукавички да се подметнуваат лажни обвинувања, покажи ги доказите дека јас некого со сила сум го терал нешто да прави или сум се обидувал да го поткупам“, му пишува Мијалков на Мицкоски.
„Началникот“ директно го прашува лидерот зошто, доколку сакал да го одбрани името, не застанал цврсто зад таа кауза со секојдневни протести и го напаѓа оти „некому“ ветувал дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласување. Го обвини дека се договорил да биде тргнат од постапка на СЈО и оти потајно посакувал да се смени името за потоа да може чист да дојде на власт, а необременет со решавање на таков процес. Му забележува дека не држат муабетите за криминално богатење на фамилијата Мијалкови бидејќи и Мицкоски со професорската плата од 500 евра успеал да дојде до неколку хидроцентрали, токму за време на владеењето на ВМРО.
„Кога зборува за СЈО – веројатно зборува за себе“, коментираат приврзаниците на Мицкоски.
Се шпекулира дека Мијалков, освен со Мицкоски, расчистил и со Груевски. Со неизвесност се очекуваат следните денови за да се види дали експремиерот ќе успее да се спаси од затворската казна, оставен и од братучедот и од новото раководство.

Горан Адамовски