Мицковски претседател, Петровски потпретседател?

Христијан Мицковски ќе биде нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, гласат последните информации од најголемата опозициска партија во државава. Иако до одржувањето на конгресот во Валандово има уште една недела, името на актуелниот генерален секретар на партијата исплива како најсериозен кандидат за наследување на Никола Груевски. Од тие причини, извесно е само дека негов противкандидат ќе биде довчерашниот директор на Државниот архив на Република Македонија, Филип Петровски, додека другите имиња што се споменуваат во јавноста, или воопшто нема да се кандидираат или ќе се повлечат од трката, брифираат високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Според најавите оттаму, веќе од понеделник, кандидатите ќе почнат да ја претставуваат својата програма пред членовите на општинските комитети. Во петок на 22 декември ќе почне техничкиот дел од 15. партиски конгрес во Валандово, а гласањето на делегатите, вкупно 544 на број, ќе биде наредниот ден (сабота). Нашите извори брифираат дека нема да има директива од централата за кого да се гласа, но оти информациите од теренот говорат за сигурна победа на Мицковски.
„Негова предност е што има поддршка од европските бирократи, а го нема во ниту една т.н. ‘бомба’ на тогашната опозиција, а сегашна власт, односно за него нема никаква дамка за вмешаност во некакви матни бизниси. Маана му е тоа што е релативно нов член на партијата и прашање е дали ќе може да ги активира старите членови и разочараното гласачко тело, кое бара порадикални чекори“, тврдат функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што дознаваме, во сериозна трка е и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, но тој, наводно, слабо котира од две причини: блискост и лојалност со старите политики на Груевски и, слично, како и кај Мицковски, недоволно силната харизма да ги придобие ортодоксните членови на партијата. Од друга страна, Филип Петровски не ја прифаќа улогата на спаринг-партнер и уверен е оти ќе ја придобие поддршката на делегатите. Тој изминатите денови имал средба со Груевски, на која му посочил дека ја заслужува неговата поддршка, образложувајќи дека „тука“ бил и во воената 2001 година, па се до актуелните протести по притворањата за настаните во Собранието од 27 април. Но, Груевски и нему, како и на останатите сопартијци им го кажал следното: „Не ме вмешувајте во изборите за мој наследник, оставам на вас“.
Според одредени шпекулации, Петровски би можел да се задоволи со потпретседателско место. Експремиерот, пак, вчера повторно се огласи на Фејсбук и уште еднаш порача дека е неутрален.

„Поминаа три дена од одлуката за одржување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Собирањето потписи за поддршка и внатрепартиската кампања започна. Сите кандидати и нивни соработници, како и сите делегати и општински и месни комитети имаат сериозна одговорност процесот на кандидирање и избор на нов претседател да помине во максимално мирна, фер и демократска внатрепартиска атмосфера и натпревар. Секој кандидат за претседател треба да има подеднакви шанси за себе претставување пред комитетите и делегатите каде што ќе побара средба. Кандидатите не смеат да се делат според сегашниот нивни статус и функција во партијата. Секој член на партијата што влегува во изборна трка треба да добие ист третман, фер однос, еднакви шанси за претставување и максимална отвореност од секој делегат. Не треба да има каква било привилегија за оние што во моментот се на повисоки партиски функции. Оние кандидати што во моментот се на повисоки партиски функции, не смеат да ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиреархиски им се подредени и воопшто не смеат да ја користат моменталната партиска функција во контекст на актуелната внатрепартиска кампања и претставување, собирање потписи и каква било друга активност која е во целите на нивната лична кампања за претседател на партијата“, вели Груевски.

Тој апелира кандидатите за претседател да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или која било друга нечесна и нерегуларна форма. Посебно нагласува: „Доколку кој било го злоупотребува моето име како долгогодишен претседател на партијата, во контекст на собирањето потписи за поддршка и во контекст на гласањето, треба да се знае дека станува збор за лажно претставување и информирање, и доколку тоа е пресудно при носењето одлука за поддршка, треба да се одбие давањето поддршка или глас“.

„Никого од кандидатите не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, поради собирање потписи за поддршка или гласање. Ниту еден мој соработник, пријател, роднина, колега или кој било сопартиец“, потенцира Груевски.
На крајот, тој инсистира да не се заборави „сите се бориме за иста кауза, иста идеологија и против заеднички политички противник“ и оти „сите се потребни во борбата против СДСМ“.

Врз основа на статутот на партијата, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот. Конгресот на кој партијата ќе избере нов претседател е закажан на 22 и 23 декември во Валандово. Право на глас имаат 544 делегати, истите оние што гласаа и на претходниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ пред две години во Куманово.

Горан Адамовски