Мицковски очекува да се соберат доволен број делегати

Кандидатот за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски пред почетокот на работата на 16. Конгрес на партијата  изјави дека очекува да се соберат потребниот број делегати.

– Искрено очекувам дека ќе дојдат потребниот број на делегати денес на првиот ден на работа на Конгресот и согласно статутот и во текот на утрешниот ден, рече Мицковски, единствен кандидат на конгресот за лидерската позиција во најголемата опозициска партија.

Мицковски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ доколку биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи утре пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.

За најавениот бојкот од страна на високи партиски функционери Мицковски рече дека тоа се исклучителни луѓе, кои извршувале високи функции во партијата со одличен успех, кои имаат додадена вредност на партијата, и кои имаат потенцијал да помогнат на партиските политики.  – Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сведоци сме последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата, рече Мицковски.

Тој не го смета за црна дамка отсуството на негови сопартијци, туку напротив смета дека тоа зборува за демократскиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашан за очекувањата и лојалноста на пратениците кои се потпишаа за иницијативата за демократизација на партијата, Мицковски рече дека поголем дел од нив ги видел во конгресната сала.

ВМРО-ДПМНЕ во Валандово го одржува 16. конгрес, по повлекувањето на Никола Груевски од лидерската функција.

За да почне да работи Конгресот потребно е присуство на две третини од вкупниот број 544 делегати. Единствениот кандидат за да биде избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да добие поддршка од мнозинството од вкупниот број делегати. Во спротивно целата изборна постапка се повторува.